Турските истражувачи од Националниот истражен центар за нанотехнологија (УНАМ) при Универзитетот „Билкент“, развија дијагностички систем базиран на нанотехнологија кој овозможува дијагностицирање на новиот вид коронавирус (Ковид-19) за десет секунди, со доверливост од 99 отсто и без да се земе брис од нос.
Турскиот производ од висока технологија „Диагновир“, кој се очекува да биде прв во светот, има за цел да го заземе местото на ПЦР-тестовите со странско потекло.
Ректорот на Универзитетот „Билкент“, проф. д-р Абдула Аталар, во изјава за агенцијата Анадолија (АА) говореше за настаните во врска со овој производ.
„Коронавирусот е честичка со големина од 150 нанометри. Нашите истражувачи во УНАМ со години работеа со честичките со наноголемина“, рече Аталар.
Веднаш откако се појави Ковид-19, истакна тој, во Турција започнал проектот за развивање на систем на тестирање кој дава брзи резултати.
„Проектот е финализиран и е развиен систем кој може да им го заземе местото на ПЦР-тестовите и дава многу побрзи резултати, односно за неколку секунди. Ако е позитивен, веднаш дава резултати, ако е негативен, тогаш со неколку контроли трае малку подолго“, нагласи Аталар, информирајќи дека производот е целосно од турско потекло.
Аталар привлече внимание на важноста на брзото тестирање за коронавирусот, и рече: „Брзото дијагностицирање на лицето дека е позитивно и неговото затворање во карантин е многу важно за спречување на пандемијата. Технологијата поседува спецификации кои може да се користат во слични епидемии како коронавирусот.“
– Системот дава резултати во секунди и во раната фаза на заразувањето
Д-р Буленд Ортач, главен истражувач во УНАМ, истакна дека нивната работа започнала веднаш по првото појавување на коронавирусот во Турција.
Според него, работата која ја извршиле за развој на брз дијагностички систем и уред кои користат оптички методи, траела седум месеци.
„Маргината за грешка на ПЦР-тестот е висока и дава резултати два-три дена по појавувањето на болеста. Нашиот систем дава резултати во секунди и во раните фази на болеста. Стапката на точност е многу висока, 99 отсто“, рече Ортач.
Тој нагласи дека високата технологија која ја развиле, е целосно нов систем, и дека аплицирале за меѓународен патент за правото на заштита на интелектуалната сопственост.
Меѓу другото, Али Ајтач Сејмен, друг истражувач, рече дека новиот дијагностички систем функционира земајќи само примероци на плунка од уста, со што се елиминира земање длабоки назални брисеви кои може да предизвикаат загриженост кај пациентот во другите тестови.
Тој информира дека во случај земениот примерок од пациентот да биде позитивен, резултатот се добива од 5 до 10 секунди, додека, ако е негативен, вршејќи контрола, овој процес трае до 20-30 секунди.
Од друга страна, Тунч Батум, шеф на Групата за развој на бизнис и стратегија на „Билкент холдинг“, истакна дека системот наречен „Диагновир“ е развиен како резултат на заедничакта работа на „Билкент холдинг“ со инфраструктурата на „Билкент УНАМ“, како и компанијата „E-A Технолоџи“, која служи во Зоната за развој на технологии „Билкент САЈБЕРПАРК“.
„Ја подготвуваме инфраструктурата за сериско производство. За два месеца, најпрвин на Турција, а потоа на светот ќе им ја понудиме оваа технологија. ПЦР-тестовите користени во нашата земја, доаѓаат од странство. Нашата цел е да создадеме тест од домашно производство и решение со ефективна цена. Тоа е многу поевтино во споредба со ПЦР-тестовите“, додаде Батум.