Кривична пријава за мајката која го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/18 3:27 PM

Кривична пријава за мајката која го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола

 

Целосно е расчистен случајот со оставеното новороденче пред Домот за доенчиња во Битола. Секторите за внатрешни работи Битола и Тетово поднесоа три кривични пријави. Поднесена е кривична пријава за 17-годишната мајка од тетовско Желино против која е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола заради основано сомнение дека сторила кривично дело „напуштање немоќно дете“.

Кривична пријава заработи и нејзиниот невенчан сопруг, Ш.А. од тетовското село Долна Лешница, а за истото дело се сомничи и нејзиниот татко, 38-годишниот Б.А. од тетовско Желино, кој и’ дозволил на малолетничката да живее во вонбрачна заедница.

Женското новороденче, старо само неколку дена беше оставено на 1 јули околу полноќ пред Домот за доенчиња во Битола, во рацете на 50-годишен битолчанец, а полицијата неколку дена трагаше по мајката. Бебето во меѓувреме беше згрижено во Домот за доенчиња во Битола. Малолетната мајка пак, имала уште едно дете на возраст од година и пол. За случајот Народниот правобранител по сопствена иницијатива отвори предмет по сознанија во медиумите. Во контактите со надлежните, укажано било на потребата од преземање мерки за стручно работење со малолетната мајка во насока на психолошка-социјална поддршка, да се направи проценка на нејзините капацитети со цел детето да биде со мајката, односно да се врати во семејството на мајката.