Во Новата година, ново претпријатие и нов директор. Нивна работа ќе биде биде справување со отпадот во најнаселениот регион во земјава. За утре (четврток) околу пладне, Центарот за развој на Полошкиот плански регион ја закажа конститутивната седница на која ќе се избере вршител на должноста директор на ЈП Русино.
Новоназначените членови на управниот одбор ќе треба да го усвојат и статутот на заедничкото јавно претпријатие. Со овие две одлуки, новото регионално претпријатие и офцијално ќе стартува со работа. Избраното раководство ќе има задача да: усвои деловник за работа на управниот одбор, правилник за систематизација, објавување на јавен повик за директор и постапка за избор.
По многуте одложувања, протести и несогласувања, есенва конечно беше постигнат договор, за да се продолжи со проектот што се финансираше со швајцарски пари преку пообемен проект. По реакциите на иницијативата „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“ следуваа преговори со локалните самоуправи и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од министерството наложија полошкиот плански регион да продолжи со спроведувањето на брзите мерки за подобрување на депонијата Русино. Беше направен и нов Регионален план за управување со отпад (РПУО) во кои беа вметнати и барањата на граѓаните. Сега, во новиот договор прецизирани се мерките за затворање и грижа по престанок со работа на депонијата Русино и избор на локација и изградба на нова санитарна депонија, односно регионален центар за управување со отпад како замена за Русино.
Некогашниот потпретседател на паралментот, Бесим Догани како предлог на општина Гостивар е единствениот кандидат за директор. Тој на таа функција ќе биде најмалку шест месеци, период до кога треба да се избере директор на јавен оглас.
Изборот на новото раководство на ЈП Русино закажан за претпладне и ќе се одржи во Тетово.
З. Г. М.