На Новогодишната ноќ да се почитуваат мерките и да се празнува одговорно бидејќи надлежните инспекциски служби ќе спроведуваат интензивни контроли на терен, порача денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.
Минатата недела седумте инспекторати извршиле 5.200 надзори и контроли.
ДСЗИ во текот на минатата недела извршил 112 надзори врз основа на кои изрекол осум решенија, а издадени се и 6.576 решенија за изолација, што е за една четвртина помалку од претходната недела кога беа издадени повеќе од 9000 решенија за изолација.
– Во истиот период инспекторите од ДПИ извршија 3864 контроли и 462 надзори поврзани со почитувањето на здравствените протоколи. При спроведените надзори изречени се 32 прекршочни пријави, 62 решенија за констатираните неравилности како и 43 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенијата, 13 се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за седум угостителски објекти и по два во Гостивар, Тетово и Струга. Во сите овие угостителски објекти не се почитувало работното време или ограничувањето на четири лица на една маса и сите се затворени за работа на лице место, информира Филиповска Грашкоска, потенцирајќи дека бројот на затворени угостителски објекти во текот на минатата недела е зголемен за 50 отсто.
Угостителските објекти ќе бидат „мета“ на ДПИ и МВР во текот на празниците. Грашкоска најави заеднички зајакнати контроли по пријава или по сознание добиено за собири.