Поставивме здрави основи кои што гарантираат дека нема да има никакви чистки, нема да има никаква поделба, туку дека врз основа на јасни критериуми, објективно оцртани во овие акти ќе се постапува еднакво за сите. Владата нема никаков интерес да дели било кого во судството на подобни или неподобни. За граѓаните постојат два типа функционери, стручни професионални и одговорни и нестручни, непрофесионални и неодговорни, така е и во политиката, во јавната администрација и во правосудството, рече Маричиќ на денешната прес-конференција за методологијата за проверка на работата на правосудството.
На новинарско прашање дали воопшто нешто е ново во ваквиот модел за „филтрација“, Маричиќ рече дека за прв пат од 2019 воспоставен е систем со појасни и поконкретни критериуми за следење на работата на главните кадри во правосудството.
– Овој систем кој што денеска го претставивме отвара можности не за топ 10 туку за топ 100 случаи за кои јавноста може да добие одговор за постапувањето. Мислам дека сите случаи без разлика дали јавноста ги знае или не, а имаат тежина и значење, ќе имаат можност да бидат разгледани од одговорните тела. Тоа е навистина ново и значи дека градиме правна држава која што функционира и без разлика дали некој случај е од интерес на јавноста, а особено оние што се од интерес на јавноста, ќе можат да имаат институционална разрешница, одговори Маричиќ.
Јавниот обвинител Јовески, пак, рече дека досега не е утврдена кривична одговорност за ниту еден обвинител, но доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, Обвинителството нема да има дилема да покрене постапка.
– И во досегашното работење обвинителството ја следи работата на пониските обвинителства. Не се согласувам дека во овие работи нема ништо ново, затоа што изострена е одговорноста на јавните обвинители, имаме јасна процедура во делот на утврдувањето на неговото стручно, ефикасно и одговорно постапување, рече Јовески.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев вели дека следењето на работата на судовите и судиите не почнува сега, туку дека од 30 мај 2019 година со влегување на сила на Законот за судскиот совет, се постапува по него.
– Судскиот совет за овие две години постапува по законот, ја следи работата и на судовите, судиите, претседателите. За овој период разрешивме девет судии, процесот продолжува понатаму. Искрено ниту јас ниту било кој се гордее со тоа што разрешивме девет судии, на крај на краиштата тие судии не ги разрешува Судскиот совет, туку поради незаконито постапување сами се разрешиле, а судскиот совет тоа го констатира, рече Здравев.