Среќата е заразна, колку повеќе ја делиш толку повеќе ја имаш: „Донирај компјутер“ веќе четири години радува социјално загрозени семејства – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/20 7:01 PM

Среќата е заразна, колку повеќе ја делиш толку повеќе ја имаш: „Донирај компјутер“ веќе четири години радува социјално загрозени семејства

Веќе четири години Борче Стаменов од Кавадарци со својата хуманост радува деца и млади кои не можат да си дозволат компјутер. Поправени и подготвени за употреба, старите компјутери со помош на Борче, секогаш го наоѓаат својот пат онаму каде се најпотребни. За неколку дена 602-иот компјутер ќе го најде своето место на бирото на некое дете.

Акцијата „Донирај компјутер“ веќе е позната ширум државава, а идејата Борче вели се родила сосема случајно во 2016 година.

– Во компанијата „Бидат Информатика“ каде сум вработен веќе 20 години, честопати наши клиенти кои го користат нашиот книговодствен систем оставаа за нив дотраени машини. Тие компјутери јас не ги фрлав туку ги складирав во едно ќоше и првенствено беа користени за вежбање на практиканти кои доаѓаа. Во декември 2016 година сосема случајно на крај на работно време ме посети една женичка која побара случајно да не ни се наоѓа некој половен компјутер кој нејзините три дечиња би можеле да го користат. Средив една од тие машини, им го донесов до дома и во целата таа тажна сцена се роди идејата за ширење радост кај оние кои едноставно не можеа да си дозволат нов компјутер – вели Борче, потенцирајќи дека никогаш не помислувал оти еден човек може да организира и да изведе нешто со комплетна логистика која се протега низ цела држава.

Иако „Донирај компјутер“ е само Борче, акцијата опстојува со помошта на сите луѓе, компании и невладини кои донираат. Секојдневно до него стигаат пакети со различна опрема, по што следи селекција на што може да се користи а што не.

Акцијата на Борче е поделена во сезони, а секоја се состои од 100 донирани компјутери. Сепак, додека првата сезона траела три години, поради пандемијата со коронавирусот и онлајн наставата, за една година Борче собра над 500 компјутери. Сите нив ги проверил, поправил и инсталирал, по што комплетно оспособени ги испратил до социјално загрозени семејства ширум државата.

– За донација може се пријави кој сака. Компании, физички лица, невладини организции се веќе дел од мрежата на „Донирај компјутер“. Самата фејсбук страница „Донирај компјутер“ е комплетно автоматизирана и најчесто поставуваните прашања сама ги одговара. Кога ќе дојдете до страницата и кликнете на копчето дека сакате да донирате опрема, веднаш ви се враќа порака со мои податоци (адреса, место, телефонски број). Ако сакате да примите донација исто така ви се враќаа соодветен одговор за тоа кои услови треба да се исполнат. По потреба, со некои од донаторите се слушаме и телефонски. Со физичките лица приказната завршува тука. Луѓето го донираат се она што им се нашло по дома и немаат потреба од истото. Со компаниите, барем на оние на кои тоа им е потребно, потпишуваме договори за донација. Моментално поради тоа што работам чисто како граѓанско лице, доста помош имам од невладината Зона од Кавадарци преку која се потпишуваат тие договори за да се биде транспарентно и исправно пред законите. Буквално, ако гледате од страна, ќе видите дека секој можен детал е следен до последен чекор – вели Борче.

Во време кога работата на компјутер на некој начин значи и писменост, Борче е дециден дека ќе стори се ниедно детенце да не остане без компјутер и ги охрабрува сите оние кои имаат потреба и ги исполнуваат условите, да се пријават.

На прашањето дали можеби е донкихотовски да се занимава со вакво нешто, тој  вели оти на почетокот го повредувале туѓите забелешки и тврдењата дека донира „ѓубре“,  со цел лична корист и самопромоција, но изминатите години и целиот вложен труд го покажуваат спротивното.

Интересен е и податокот дека во еден ден целосно има средено дури 19 компјутери.

– Сега дури и најголемиот скептик не може да тврди такво нешто. Пет години поминати во работа и труд кој носи среќа и насмевки низ цела Македонија. Никогаш не ми била потребна лична корист. Мојата плата е сеуште иста, а работам дупло повеќе. Мојата сметка редовно влегува во минус. Се дружам со истите луѓе со кои се дружев и пред да го почнам ова. Токму од тие луѓе ја имам најголемата поддршка. Невенка, Јордан, Мики, Мери и Зоки се луѓе без кои веќе едноставно не можам да си го замислам животот. Дома ја имам мајка ми која ми е пример како низ животот. Тука се брат ми и неговата сопруга кои сиве овие години го ставија нивниот автомобил на располагање во секое време. Кај мене „Донирај компјутер“ не промени ништо, само ми ја зголеми желбата да помогнам на оние на кои навистина им треба помош. Ако за таа помош упорно “трубам” по социјални мрежи, тоа е само за да инспирирам некој потенцијален донатор. За да прочита или чуе некој на кој му е потребна нашата помош. Ако некој има мака тоа да го разбере, тогаш има сериозен проблем. Јас веќе не ги ни забележувам таквите коментари. Ете, нека пробаат да направат нешто слично јас прв ќе станам и ќе им аплаудирам. Ќе им споделам успех и инспирација, ќе ги поддржам како што знам – вели Борче.

Најголем поттик да продолжи напред му е среќата на другите луѓе, бидејќи вели таа е заразна – колку повеќе ја делиш толку повеќе ја имаш.

– На социјални мрежи понекогаш имам циклус статуси кои ги нарекувам “абе леле бе”. Оние што ја следат акцијата и моите објави кои се јавни и отворени за сите, знаат што се тие. Во последната година стана како тренд оние на кои сме им дале компјутер како благодарам да пратат слика од семејството, слики нацртани од дечиња, видеа на кои сите групно се заблагодаруваат, пишуваат песнички. Е, тоа е мојот поттик да не застанам. И да, и покрај позадината на Донирај Компјутер, можам да кажам дека моментално сум најсреќниот човек во Македонија – категоричен е Борче.

За Борче е незамисливо да седи на работа. „Празниот од“ кој го има во секоја компанија тој го користи да распакува некоја донација, да провери исправност на некој дониран компјутер, да селектира отпад и сл. Неговата професија низ годините варирала. Првично работел како графичар, потоа како сервисер на компјутерски системи, па се занимавал со фискални апарати, а денес вели може да работи речиси на секоја позиција во компанијата. Приватно, пак, никогаш не му е здодевно. Покрај работата, зависник е од слушање музика, дневни кафиња со пријатели, а гледа и доста серии и филмови. Лани си го исполнил сонот што го имал како дете и си купил ДСЛР апарат и сега секаде шета со него, бркајќи убави фотографии.

Акцијата „Донирај компјутер“, според него, дури сега добива ветар во грб. Се надева и посакува да нема потреба од нејзино постоење, но се додека има, акцијата ќе опстојува и ќе се помага.

Теодора Новеска