„Ова е трагедија, Петриња денеска изгледа како некогаш Грозни“, хрватските челници на местото на земјотресот – ММС
ММС

Објавено на: 12/29/20 3:34 PM

„Ова е трагедија, Петриња денеска изгледа како некогаш Грозни“, хрватските челници на местото на земјотресот

Хрватскиот премиер Пленковиќ допатува во Петриња по силниот земјотрес со јачина од 6,3 степени што се случи денеска нешто по 12 часот, јавува агенцијата Анадолија (АА).

„Имаме информација дека загина едно девојче, за тоа добивме информација од градоначалникот. Засега, други информации за евентуални жртви немаме, но мислам дека тоа во овој момент никој со сигурност не може да го каже“, рече Пленковиќ за хрватските медиуми.

Тој истакна дека во Петриња дошле сите служби за спасување, за да помогнат во расчистување на урнатините и во потрагата по луѓето под урнатините.

„Сите се тука. За среќа, Војската е тука. Доаѓаат од Загреб итните служби, полицијата, цивилната заштита, пожарникарите, ХГСС ќе дојде од Сплит, отидоа по нив воени хеликоптери, така што сите ќе ги активираме. Ќе мораме да најдеме алтернативно сместување. Ќе дојдат контејнери, дел од луѓето ќе мораме да ги тргнеме од Петриња бидејќи тука не е сигурно да се биде. Тоа сега е јасно како ден“, истакна хрватскиот премиер.

„Жал ни е. Ова е навистина трагедија“, заклучи Пленковиќ.

Откако околу 12:20 часот е регистриран земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер, 46 километри југоисточно од Загреб, сеизмолозите во период од еден час регистрираа четири помали потреси со магнитуда од три до 4,5 степени.

„Ова е ужас. Ова е трагедија“, рече Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска, кој, исто така, денес е во Петриња.

„Петриња денес изгледа како Грозни, во Чеченија, пред 20, 30 години. Она што сега единствено можам да кажам со сигурност, Петриња ќе биде обновена со пари од Европската Унија. Овој град ќе биде обновен, но емотивното на луѓето никој нема да може да им го надомести“, рече Милановиќ.

Во денешниот земјотрес во Петриња загина дванаесетгодишно девојче, а бројни граѓани се повредени и во градот Сисак, како и во хрватската престолнина Загреб.

Спасувачките и лекарските екипи се на терен и од урнатините се извлекуваат повредените. Се стравува дека би можело да има уште жртви.

Земјотресот, што се случи денес во Хрватска, беше почувствуван и во Босна и Херцеговина, Словенија, Унгарија, Србија, Црна Гора, но и во Австрија, па дури и во Германија.