Владата во собраниска процедура ги пушти измените на Изборниот законик, со кои предлага Државната изборна комисија да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, предлог-законот по скратена постапка со европско знаменце го стави на дневен ред на денешната 53. пленарна седница.
Во Предлог-законот кој е достапен на веб-страницата на македонското Собрание се наведува дека целта на измените е да се разреши проблемот што се појави со блокирање на процесот на избор на ДИК.
Владата како предлагач, во образложението посочува дека двотретинското мнозинство за избор на членови во Државната изборна комисија според Изборниот законик, и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки, поточно изборот на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
Извор: МИА