Во Пекинг е прогласена вонредна состојба поради наглиот пораст на бројот од случаите на заразување со коронавирусот (Ковид-19), пренесува aгенцијаta Анадолија (АА).
На улиците настана метеж откако Комунистичката партија на Кина соопшти дека во сите окрузи во престолнината е прогласена вонредна состојба откако во Пекинг во саботата се регистрирани шест нови случаи на заразување со коронавирусот.
По одлуката за прогласување вонредна состојба, затворени се влезовите и излезите на сите квартови во кои е регистриран вирусот. Исто така, зголемен е бројот на инспекции и контроли на сите локации со голем број посетители.
Вонредната состојба во Пекинг е прогласена откако е забележан ненадеен пораст на бројот на заразени со коронавирусот во округот Шунји, што се наоѓа на североистокот на градот, во близина на Меѓународниот аеродром „Пекинг“.
Планирано е во 92 лаборатории во округот Шунји да бидат тестирани околу 800.000 луѓе.
На снимките што се појавија на социјалните мрежи можат да се видат долги редици луѓе во центрите за тестирање.
Властите на Пекинг прогласија вонредна состојба за да ги заострат мерките против Ковид-19, а одлучено е да бидат откажани прославите, патувањата надвор од градот и колективните забави по повод дочекот на Новата година, како и верските настани во градот.
Градските службеници објавија дека студентите и учениците не би требало да го напуштат Пекинг во наредниот период.