Провалил во станво Пула, украл што украл, па заспал на местото на „злосторството“. Така некако би можел да се опише случајот за кој известува истранската полиција, кој може да се кандидира за рубриката „Верувале или не“, пренесува „Вечерњи.хр“.
За провалата е осомничен 43-годишник, кого на 26 декември во 15.50 часот во својот стан го затекнала сопственичката. Бил во детската соба и спокојно спиел. Сопственичката се збунила. Прво видела провалена врата, а потоа и арамија како цврсто спие. Веднаш повикала полиција.
Пулската полиција го уапсила провалникот, чиј плен, кој не успеал ни да го изнесе, бил минимален. Зел само еден рачен часовник, како и монетите од детската касичка во Хрватска позната како „касица прасица“.
Инаку, за оние што паметат подолго, слична кражба за „Верувале или не“ со поспан провалник пред 15-ина години имаше и во Македонија. Градежен работник од Струшко во Штип, по напорниот работен ден, вечерта провалил во маркет. Наполнил неколку ќеси со прехранбени артикли, а додека шетал меѓу рафтовите, пивнувал од шишето со жесток пијалак со кое прво се „послужил“. Се поднапил, а и изморен од работата преку денот, заспал меѓу рафтовите. Утрото кога дошле вработените биле изнендени од „неканетиот гостин“, кој мирно си спиел во маркетот. Набрзо потоа го разбудиле полицајци.