Надмина самоубиство и насилство во врска и повторно застана на нозе – Со Емилија Розман искрено за храброста – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/20 7:05 PM

Надмина самоубиство и насилство во врска и повторно застана на нозе – Со Емилија Розман искрено за храброста

Љубов, среќа, тага, сето тоа е собрано во душата на манекенката Емилија Розман, која годинава ќе ја памети по многу нешта. Како и на секого и на неа и пречи состојбата со пандемијата, но, вели и покрај тоа може да се пофали дека и во вакво никакво време успеала да направи професионален успех. Со Емилија разговаравме за време на католичкиот Божик, кога се подготвуваше, како и сите оваа година, скромно со семејството да го одбележи. И на крајот на оваа година отворено и искрено таа за ММС  откри некои работи, за кои вели дека треба гласно да се зборува, а не да се молчи. Но, секако, се почнува од убавото, од празничната атмосфера.

-Кај нас традиционално се дава акцент на божиќната вечера, а ден претходно на Бадник се оди на миса, секако додека не беше корона. Годинава нема миса.  Децата оставаат млеко и колачиња за Дедо Мраз на Бадник под елка, па утредента кога ќе се разбудат ги наоѓаат подароците што тој преку ноќ им ги оставил. Возрасните повеќе обрнуваат внимание на божиќната трпеза, се подготвува мисирка, разни јадења, се собираат најблиските, што за жал оваа година ќе изостане. Кај нас акцент се става на мисирката, на јадењето, нема паричка. Хахаха.  И овој Бадник и Божик се разликува, пак, ќе споменам по тоа што го нема татко ми. Па затоа на Бадник јас и мајка ми бевме на гости кај брат ми. Во нашето семејство се празнува два пати Божик. Мајка ми е православна, татко ми беше католик, па затоа јас и брат ми се поделивме. И откако знам за себе два пати сме славеле Бадник и  Божик. За католичкиот мисирка, за православниот се што оди, лепче, паричка, пита, сарми, риба…

Мајка ти и брат ти православни, ти и татко ти католици.. Така се поделивте?

-Татко ми по потекло е Словенец, католик, а мајка ми Македонка, православна. Кога се земале така се договориле, да си ги празнуваат двата празници. И ние секогаш сме  ги славеле два пати Бадник, Божик и Велигден. Јас и брат ми кога пораснавме се договривме, тој како мајка ми да биде правиославен, а јас по татко ми да бидам католик. Затоа мене на католичкиот Божик многу тешко ми паѓа, бидејќи тоа беше празникот на тато и ни беше еден од најубавите денови во годината. Се собиравме прво за католичкиот со музика, со друштво и сега кога него го нема се трудиме да ја одржиме традицијата. Секако, не е исто без него, па и сега со коронава уште полошо.

Нова Година нова надеж, како ќе си ја поминеш?

-Дома. Со најблиските. Треба да се почитуваат мерките доколку би сакале сето ова да заврши во најкус можен рок, доколку би сакале повторно да патуваме , да можеме повторно да ги гушнеме најблиските, да имаме пак нормален живот, да креираме спомени. Теба да се воздржиме, да бидеме поодговорни и да чекаме поубави денови за да се вратиме на старото нормално. И секако се надеваме дека следната Нова Година ќе ја чекаме некаде далеку на плажа..

По што ќе ја паметиш 2020 година, освен по корона и холивудската авантура?

-Па и покрај тоа што сите од мене очекуваат да дадам поинаков одговор на ова прашање, сепак, најмногу ќе ја паметам по отварањето на мојот втор дуќан, мојата втора цвеќара.  Се случи  нешто на кое долго работев и долго се трудев и во екот на пандемијата кога сите се плашат, кога сите ги затвораат бизнисите, ете јас успеав да си го остварам сонот. Иако за некого беше лудост,  за мене, сепак, беше храброст. Старите велат- среќата ги прати храбрите, така да се надевам дека и тоа ќе вроди со плод, па и понатаму ќе ги постигнувам сите успеси и сето она што си го имам замислено за цел.

Дали ова ќе ти остане професија кога ќе ставиш крај на манекенската кариера или ќе се посветиш на факултетот?

-Па не. Јас дипломирав дефектологија  и тоа сакам да си го работам ама прво сакам да ги завршам магистерските студии.  Сакам да го научам знаковниот јазик како треба. Магистерската ми е за глуви и наглуви на Институтот за дефектологија при Филозовскиот факултет и подоцна се надевам дека кога  ќе ги завршам магистерските ќе имам доволно, не само храброст туку и  да бидам подготвена доволно за да влезам во тоа поле, за да предавам и да ги  учам помладите генерации.  Цвеќарството ми почна како хоби, но се пронајдов и видов дека навистина многу ми лежи, дека, нека не звучи и како сама да се фалам, но навистина ме бива. Можам самата себе си да се изразам преку него  и многу сум среќна што 99 проценти од работата во цвеќарството е што ги правиме лугето среќни. Доаѓаат за убави работи, за свечености и кога ќе им се допадне тоа мене ме исполнува.

А што очекуваш од 2021 година, што ќе си посакаш кога ќе се поклопат стрелките на полноќ?

-Па уште некои 2-3 брака ако ништо друго. Хахахаххахах… За мене и за моите најблиски само здравје. Токму оваа година не научи колку е важно здравјето.  Дека ни се џабе сите пари, бизниси, планови, цели и патување ако немаме здравје. Затоа најискрено и на себе и моите најблиски и на сите најпрво им посакувам здравје. Само така би можеле да бидеме успешни. Ако човек е малку посилен од пандемијава може да го извлече најдоброто. Да стави акцент на вистинските вредности, на семејството, на времето поминато дома. Па ние толку брзо живеевме што заборавивме на  времето, па се посветивме на небитни работи. Сите трчавме по бизниси, пари, заборавивме што е најважното- семејството,  дека тоа се моментите поминати со нив и креирањето спомени со нив. Нам ни се важни социјалните мрежи, па кој каде бил, кој што кажал, кој што направил, кој колку имал. Сето тоа сега е џабе, ете затворени се границите и никој не може да оди никаде. Џабе сите пари на светот, џабе авиони и јахти, кога од тоа ништо не може да се искористи. Затоа сите треба да го извадиме најдоброто од она што пандемијата ни го донесе и да се фокусираме на оние работи што се важни, да се фокусираме на себе си, како ние да станеме подобри луѓе, како да станеме посвесни и да се вклопиме во овој свет. Да сватиме  што бараме ние во овој свет. Бидејќи во целава оваа трка по пари, моќ и престиж, кој колку има и како изгледа, многу брзо забораваме дека нашето време тука е изборено, дека минува многу брзо и дека навистина треба да се потсетуваме често на тоа дека сме само гости на овој свет.

Не можам да го пресконам прашањето за твојата молњевита и холивудска свршувачка и раскинување. Што се случи?

-Хахаха.. Се чудам кога луѓето ќе ми речат- леле страшна работа. Па има многу пострашни работи во животот. Тоа мене што ми се случи дефинитивно не е една од нив. Тоа што се случи јас секогаш го претставувам на еден комичен начин. Дури и тоа беше многу јавно, колку мене ми се допаѓало или не. Многу пати голем дел од луѓето, па и моите најблиски не помислија да ме прашаат -дали можеби тебе ти е тешко, дали можеби на некој начин те повредил, дали јас нешто сум сакала, очекувала,  дали можеби сум се разочарала. Можеби така рагираат затоа што јас одлучив тоа да го прикажам на еден таков шеговит начин. Да се каам не се каам и никогаш не се каам за работи што сум ги направила во животот. Се каам само за работи што не сум ги направила. Тоа беше еден вид на авантура. Дека се заљубивме, се заљубивме, дека многу брзо свативме дека не припаѓаме еден на друг, дека сме многу различни карактери и дека нема да можеме да функционираме понатаму, исто така свативме. Тоа го заклучивме и најпаметната одлука за двајцата беше секој да си продолжи по својот пат, отколку да останеме заедно само затоа -што ќе речат луѓето. Па, јас ете сум била медиумска личност, па што ќе кажат медиумите. Имаше напади кон мене од многу страни.  Но, нема врска тоа. Јас сум таа што ќе требаше да останам да живеам со тој човек до крајот на мојот живот, не некој од тие што се од другата страна. Тие кои озборуваат немаше да живеат во нашата заедница. А јас не сакав да  живеам во заедница или да бидам во некоја врска која не ме прави среќна. Тоа не се поклопува со моите желби или не се пронаоѓам едноставно со човекот.  Јас против него немам ништо. Ние пред некој ден случајно се видовме во еден ресторан и најнормално се поздравивме. Како си, што си, се прашавме. Јас од се срце му посакувам се најубаво. Ама едноставно со една личност ако не си припаѓате, не треба да останете заедно без оглед дали се работи за врска, за брак или пријателство, било каков тип врска. Нормално е дека сите сакаме да бидеме среќни, но среќата понекогаш не лежи во една личност. Има луѓе кои по 10 години се заедно и дури тогаш разбираат дека не се еден за друг и за бргу време си ја наоѓаат среќата на друго место. Мислам дека времето, што толку беше сензационално во мојот случај, нема апсолутно никаква врска. Во животот шансите се секогаш 50:50. Или ќе биде супер или нема да биде.  Трето нема. Така да мене тоа ќе ми остане како еден убав спомен. Без оглед, кој што сака нека каже. Мене ми беше убав спомен и авантура. Дури и во моментите додека се случуваше јас бев среќна, а и кога се разделивме во мене го немаше тоа ,како што ми било во некоја друга врска, да жалам и патам, да ми е криво. Немало ниту простор ниту време тоа да се случи, но едноставно, да кажам ете ми беше мило што се случи. Нешто како интересен спомен.

Колку бргу се вљубивте, уште побргу се одљубовте?

-Едноставно луѓето се менуваат. Без разлика ете навистина ние можеме да бидеме и 10 години во врска или брак. Но, со времето луѓето се надоградуваат, менуваат навики и ставови, цели. Се се менува. Минува животот и во одреден период е нормално со некого да не се пронаоѓаш. Не велам дека секогаш раскинувањето или разводот е најдобра опција, но сепак, доколку разликите се непомирливи најздраво е да се разделат.  Не е важно кој што ќе каже, секој си е одговорен за својот живот.   Сам треба да си донесе одлука за да во иднина не обвинува друг, дека некој друг бил виновен.

Што е тоа што не можевте да го премостите?

-Мислам дека погледот на животот, иднината, целите. Јас навистина сум многу амбициозна и независна уште од мала. Имам научено многу да се борам во животот, без разлика на се. Јас мислам дека штом  смртта на татко ми ја преживеав, се на светот ќе преживеам. Каква и мака да ми се случи јас секогаш гледам да го извадам најдоброто од ситуацијата, затоа што ако има решение на проблемот супер ќе го решиме, а ако нема тогаш и нема поента да се нервирам. Јас навистина сум многу независна и можам сама да ги решам проблемите. Кога ова го зборувам не мислам на свршувачката, туку воопшто. Мажите сакаат да бидат подоминатни во однос на жената. Но, живееме во век каде жените си го имаат пронајдено своето место, каде се научени самите да се изборат за себе и своето јас, за се она што го сакаат во животот. Мислам дека тоа беше едно од главните причини што не можевме да ги премостиме.  Едноставно сметам  дека имам уште многу да работам во животот, уште многу да се надоградувам. Семејството не ми е приоритет иако би сакала да имам семејство ама сметам дека има доволно време и сето треба да си дојде само по себе. Ништо од тоа не треба да се форсира, како што се деца и брак. Убаво е да си дадеме збор дека ќе си бидеме верни, како едно повисоко  ниво на врска ама во однос на сериознност сега и веднаш- не. Брак и деца  треба да се градат чекор по чекор.  Ете видовме од брзање што произлезе.

Многу девојки посакуваат да бидат на твоето место и во однос на убавина, успех, прошетаност.., а тоа би требало да те прави среќна. Убаво е кога ти љубоморат на успехот. Но, зошто во твоите статуси на Фејсбук постојано има некоја тага? Зошто си несреќна?

-Се се врти околу татко ми. Едноставно не можам да се помирам со фактот дека ми ја нема најважната личност во мојот живот, мојот најдобар другар.  Со сета должна почит кон мајка ми, нели како родителот што не може да каже дека едното дете го сака повеќе, така и детето за родителите вели дека подеднакво ги сака. Но, толку многу убав живот имавме што на многу луѓе кога ќе им кажам не разбираат. Јас секоја вечер и секое утро сум се заблагодарувала на Бога или на Универзумот. Ние не сме биле некое богато семејство, нормална  средна класа, но моите родители сето тоа што го имале не го трошеле на купување на некакви скапи автомобили или за покажување пред светот, туку за семејни патување каде што сме уживале сите четворица. Сме биле постојано заедно и многу креиравме спомени. И на крајот на денот тоа е она што ни остана од него. Ние заедно имавме толку многу среќен живот, толку ни беше убаво, па ки кога дома седевме и игравме јамб или карти. Јас многу време поминував со моите родители и тие имаат огромно значење во креирање на мојата личност. Многу е тешко во овие времиња да се изведе дете на прав пат, а јас сметам дека мајка ми и татко ми имаат завршено многу убава работа со мене и брат ми. Особено со брат ми кој израсна во прекрасна личност. Затоа не можам да се помирам со тоа -што е она што таквите добри луѓе ги зема. Нели, велат дека Бог ги зема најдобрите. Но, зошто тоа да е така. Татко ми цел живот работеше со глуви и наглуви, помагаше, им наоѓаше стипендии, ги носеше низ цел свет, на параолимпијади, се залагаше за нив, се бореше за нив за да помогне од светот да видат нешто, што можеби вака никогаш не би можеле. Тоа го работеше цел живот. Беше дел од црвениот крст, цел живот крводарител. Мајка ми е медицинска сестра, цел живот помагала. И таа била крводарител. Брат ми е посветен на семејството, многу е паметен. Ништо од ова што го кажувам не претерувам. Цел живот сме растеле и сме се граделе како личности, воспитани во хуманитарен дух. Дури и неколку пати родителите ни рекле- леле какви ве направивме, барем малку повеќе да мислевте на себе.  Затоа не можев да се помирам со фактот зошто баш на нас тоа да ни се случи. Никогаш на мравка не сме згазнале. Бев во многу тешка  депресија со месеци. Јас не се срамам од тоа, отворено зборувам и сметам дека лугето кога имаат проблем треба да побараат решение и помош.

Кој поминал низ ова ќе те разбере. Но, што направи ти, дали побара помош?

-Сега ќе зборувам многу искрено, бидејќи сметам дека доколку барем еден човек го прочита ова и се замисли и побара помош  за својата сестра, мајка, брат, другар, другарка, или на себе помогне, сме успеале.  Никогаш не знаете кому во кое време му е потребна помош и кој во кое време ќе ти помогне. Мене ми помогна  личност за која никогаш не би помислила дека ќе ми помогне. Познаник, кој тоа го  забележа на мене и постојано беше тука и знаев дека имам поддршка. Во тие моменти не само што ви е незгодно туку и си велиш -ќе речат дека сте себични, бидејќи јас не сум единствената која изгубила татко, на многу им се случило тоа.  Изгуби и брат ми татко. Мајка ми изгуби и сопруг и татко на своите деца. Па, си велите доколку тоа го споделите со нив, кај нивната болка, па уште јас да им бидам товар. Па, се чувствувате безвредно, не можете да се пронајдете, се прашувате што сте направиле лошо, што сте  згрешиле за да поминувате низ тоа. Во тие месеци, во таа година и пол, со  битка со ракот на татко ми постојано бев со него. Се трудев на секаков можен начин да му помогнам. Но,  едноставно тоа е тоа. Судбината тоа си го има запишано-твоето до таму било. Многу долг период ми требаше да сватам дека не се сите работи во наша моќ, едноставно не може да влијаеме. Првите месеци поминав тежок период, не сакав да соработувам, не сакав да разговарам со никого,  не ни сакав да барам помош од стручно лице. Едноставно само пиев антидепресиви и алкохол и по цели денови само лежев во кревет.

Ма не станував од кревет, плачев, се самоповредував. Дури пробав и да си го одземам животот. Затоа многу е важно ако имате ваков проблем да го споделите со најблиските луге.  Тие се тие што најмногу ве сакаат.  Ако немате не дај Боже родители или брат и сестра, секогаш има барем една личност на која ќе и недостасувате и нема да може да живее без вас. По одреден период сватив дека доколку не сакам да си го изгубам и другиот родител ќе мора нешто да направам. Имам брат, имам и мало внуче кое не сакам да расте со таква тетка. Тогаш имав и долга врска која исто така неславно заврши. Сето ова го поминував пред речиси четири години. Сватив дека има работи за кои треба да живеам. Да, го изгубив татко ми, но знам дека тој би сакал да гледа како јас се однесувам со мајка ми и брат ми. Испадна како на нив да не им давам никакво значење, како татко ми да бил единствената личност во мојот живот, па сега него го нема ајде и мене да ме нема. Кога видов колку многу ги повредувам другите околу мене, сватив дека можам да влијаам на тоа,  дека треба да побарам помош од стручно лице. Почнав да одам на психијатар, па со другарки излегував, споделував. Мислам дека 2-3 пријатели во животот се доволни за кога ќе се појават паничните напади и аниксиозност веднаш да се побара помош. Тоа е еден круг без крај од кој нема излез. Кога се разговара за овој проблем многу лесни звучи, но кога ќе си во кругот е тешко.

Депресијата е многу подмолна болест, на која треба да и се пријде. Болест на 21 век.  Многумина и не ја знаат оваа моја страна, низ што се сум поминувала, затоа што јас секогаш сум насмеана и позитивна. Никогаш не се жалам. Но, приказната секогаш има две страни. Тоа е нешто со кое јас се борам и нормално е да се побара помош. Многумина се срамат.  Депресивните личности, луѓето кои ги мачат аниксиозните мисли, секогаш  сметаат дека ги замараат лугето со муабети. Има и луѓе  кои не знаат како да пристапат, кога некој ќе им се отвори околу оваа проблематика. Па ќе му речат- абе ништо не ти е, сето тоа ти е во твојата глава. Тоа не е правилниот начин на пристап. Не сакам да звучам како психолог ама едноставно од моето скромно искуство сметам дека таквата личност треба да се ислуша и утеши. Или многу ме нервира кога ќе речат- ех, луѓе немаат што да јадат, а тебе се ти е дадено и уште се занесуваш. Многу е важно да се имаат вистинските луѓе околу себе и да се побара стручна помош. Мене многу ми помогна. Не се за секого антидепресивите излез. Мене не ми влијаеа убаво, ме правеа нефункционална, не можев да размислувам, но разговорот беше клучен, кој ми даде сила и моќ да продолжам понатаму. Иако сметам дека уште има работа, бидејќи се уште не можам да се соочам  со некои работи. Многу пати избегнувам да размислувам ама тоа е многу погрешна тактика. Тоа подоцна  ќе се рефлектира со одредени односи со други луѓе. Значи секое зошто си има свое затоа. Проблемот кај мене не е само татко ми.

Туку…?

-Можеби се префрлам од тема на тема но, доколку на една емоција не се работи колку тоа може понатака да влијае . Човек како мене ја има изгубено довербата поради нездрава љубовна врска, а причина е насилството.

Насилството ти се случи годинава или…?

-Не, пред неколку години. Затоа ќе кажам дека јас ја имам изгубено довербата во односот со другите луѓе. Не можам во никого да имам доверба, што не е добро. Доколку некоја личност ја изневерило мојата доверба не значи дека сите се исти. Клучно е да се работи на емоциите, да се разговара за нив. И ако психологот не ти се погоди ќе се најде друг кој ќе ти  помогне да градиш здрави односи со другите луге.

Како упсеа психички да го надминеш ова и да продолжиш понатаму? 

-Кога од страна сум гледала други девојки сум си викала – леле како може да трпи таква работа. Тоа не е нормално, тоа не е љубов. Сепак, кога човек на своја кожа ќе го почувствува сето тоа е поинаку. Не зборувам само за женски, туку и за машки, бидејќи сум запознаена со насилство во врска каде мажите се жртви. Уште  пострашно за нив, нема каде тие да се обратат. Тука се нашите стереотипи- ех, машко, па женско да те истепа. Како можеш да дозволиш женско да крене рака на тебе. Жените се некако позаштитени, има каде да побараат помош. Од сето тоа што го имам преживеано морам да кажам дека мора гласно да се зборува и мора да се побара помош. Доколку немаат поддршка од семејството, живеат во патријархални  заедници или дури и родителите знаат да кажат – чим те удрил ти си го барала. Сето тоа не е здраво. Ако нема каде да побараат помош на крајот на краишата ќе побараат од медиумите, да се спречи насилството. Не е начин да се молчи и да се верува дека личноста ќе се смени. Тој човек што еднаш кренал рака ќе крене пак. Не треба да се бараат изговори демек во афект бев, па демек пијан бев или под дејство на супстанци. Ако човекот е таков карактер си има институции за тоа, нека оди нека си побара помош за да види од каде доаѓаат тие фрустрации за да има потреба да го извади тоа од себе преку насилство. Сватив дека тоа не е љубов и јас не припаѓав во таа врска.

Затоа  сметам дека тие насилници треба да се објавуваат за да не заглавуваат други девојки во таква врска. Јас имав храброст да го завршам и надминам тоа, но  има девојки кои не се толку храбри. На насилството не треба да се реагира со насилство, но не дај Боже да се најдам повторно во таква состојба и јас би возвратила. Многу маразам насилници. Доколу има проблем треба да се разговара, насилството не е одговор на било каква ситуација. Доколу човек има проблем со бес и агресивност има начин како да го извади од себе. Јас исто така имав насобрано бес, стрес, нервоза, огорченост во мене откако почина татко ми, но никого не матретирав. Брат ми ме убеди и многу сум му благодарна за тоа што ме натера да вежбам кик бокс. Така треба, не да користиш човек да ти биде вреќа и да си лечиш фрустрации. Си има место каде да се лекуваат. Насилството дефинитивно не е одговор. Затоа сите треба да се трудиме да се штитиме себе си. Да  бидеме среќни и да си го трасираме својот пат, без да обрнуваме внимание кој што ќе каже…