Во моментов разговорите со Бугарија се прекинати поради празниците во двете земји. По празниците премиерот Заев најави дека ќе се одржи координација со МНР, тимот од неговиот кабинет и специјалниот претставник за Бугарија, Владо Бучковски.
– Ќе продолжиме со утврдување на Акциониот план кој го изготвивме на наш предлог под раководство на МНР Османи, за покривање на сите области – од спортот, инфраструктура, образование, култура, музика, здравство итн. Очекуваме повратен одговор од нив, бидејќи очекуваме доколку имаат некои идеи да ги дополнат. За добробит на двете страни ќе биде секое понапредно реализирање на Акциониот план, рече Заев на денешното отварање на новите простории на ДПИ во Тетово.
Политичките контакти тој вели ќе продолжат по празниците, но сепак не очекува некаков напредок пред завршување на тамошните избори во март.
Заев е дециден, продолжуваат со „пријателство и објаснувања на сето она што претставува незадоволство од бугарската страна“. За нив незадоволството вели Заев, често се поврзува со динамиката на реализација на Договорот за добрососедство.
– Сме сакале железничката пруга на Коридорот осум да ја направиме побрзо. Тоа е интерес на сите, но за жал динамиката на вакви сложени проекти не е за една или две години да биде реализирана. Знаете дека државата зема кредити од ЕУ, голем дел ќе влезат и во инвестициите на Европскиот инвестиционен план за реализација на тие процеси и ќе се обидеме да направиме поголеми успеси. Искрено се надевам дека и Бугарија ќе почне нешто да гради од таа страна, како што е преминот Клепало. Знаете железница почнува од Куманово, према Ранковце, Крива Паланка до Бугарската граница, но и по Бугарската граница има железница која треба да се изгради. Затоа заедничка е обврската да обезбедиме инфраструктура, рече Заев.
Јазикот и идентитетот потенцира повторно, се сепак величина и европска вредност и за тоа ниту се разговара ниту пак се преговара.