Хан ги повика младите да учествуваат на референдумот за Договорот со Грција – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/18 8:36 AM

Хан ги повика младите да учествуваат на референдумот за Договорот со Грција

Европската перспектива треба да се следи како национална цел- порача претпладнево еврокомесарот, Јоханес Хан. Тој не одговори конкретно на новинарското прашање за коментар за барањата на опозицијата за техничка влада, но рече дека сите засегнати страни со кои досега имал средба ја поддржуваат евроатлантската перспектива.

Според него, има простор за дискусии во други области, но сепак во однос на европските перспективи треба да се надминат партиските интереси.

Хан го поздрави Договорот со Грција, но рече дека треба да се исполнат реформи во уште неколку клучни области меѓу кои оние поврзани со разузнавачките служби и со јавната администрација.

Тој повика на учество на претстојниот референдум.
,,Младите треба да сфатат дека е важно да се учествува, зашто тоа е нивно демократско право”, изјави Хан кој потсети дека на референдумот во Велика Британија за излез од ЕУ имало мала излезеност на младите.

Хан кој денеска пристигна во Скопје за да го означи стартот на скрининг процесот, објасни дека тоа се активности кои се спроведуваат во сите земји кои се кандидати за членство.

Премиерот Зоран Заев пак, соопшти дека за шеф на делегацијата за преговори со ЕУ е назначен вицепремиерот Бујар Османи, а за негов заменик советникот Бојан Маричиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговата изјава дека руски бизнисмени ги финансираат антивладините протести, посочи дека Русија треба да знае оти за Македонија нема алтернатива освен Европската унија. Заев најави дека утре попладне најверојатно ќе се одржи средба со опозицискиот лидер, Мицкоски кој денеска исто така треба да се сретне со Хан:

,,Сите треба да останеме посветени на овој момент, да помогнеме на овој процес, како што укажа еврокомесарот, пред се’ за доброто на граѓаните на Република Македонија, но и на нашите партнери во ЕУ и затоа најверојатно утревечер ќе свикаме лидерска средба за да ги забрзаме процесите околу подготовката на РМ за престојниот референдум”.

Шефот на опозицијата, Христијан Мицкоски, како што објасни Заев, во четврток требало да патува, па затоа лидерската средба ќе се договара за утревечер.

Вања Мицевска