НБА играчи против аматери од средно училиште, Дончиќ и другарите ги посрамотија Клиперси – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/20 1:38 PM

НБА играчи против аматери од средно училиште, Дончиќ и другарите ги посрамотија Клиперси

За некои тимови сезоната како да е во полн ек, за некои пак, сезоната допрва треба да почне. Далас Маверикс вчеравечер во неделниот семеен термин го „разнесе“ еден од главните фаворити за освојување на прстенот и му се одмази за минатосезонскиот пораз во плејофот во „баблот“ во Орландо, Флорида.

Без повредените Кавај Ленард и Маркус Морис, Клиперси на домашен терен го пречекаа Далас Маверикс во надеж дека ќе земат скалп на уште еден силен противник на Западот по победата над ривалот Лос Анџелес Лејкерс.

Маверикс немаа почитување за ништо и никого. Во првата четвртина влегоа бесмилосно постигнувајќи 36 поени, наспроти скромните и „евролигашки“ 13 на Клиперси. Втората четвртина не само што не донесе намалување на водството на тимот предводен од Тајрон Лу, туку напротив, водството само се зголемуваше. Против скапиот и полн со ѕвезди колектив од Калифорнија, Лука Дончиќ и другарите постигнаа 77 поени. Разликата помеѓу двете полувремиња изнесуваше цели 50 поени.

Вториот дел продолжи во ист манир. Маверикс погодуваше, Клиперс промашуваше и не постоеше во двете фази од теренот. Финалниот резултат? Далас Маверикс 124, Лос Анџелес Клиперс 73.

Словенецот Лука Дончиќ во оваа неверојатна вечер забележа 24 поени, 9 скокови и 8 асистенции. Мора да се напомене дека лидерот на екипата од Тексас во вториот дел практично и да не се појави на теренот. Маверикс за едно полувреме постигна девет тројки, а процентот на успешност на шут од игра изнесуваше 58 отсто.

Кај победниците, Макси Клебер на свое конто запиша пет поени и пет скокови, додека српскиот центар Бобан Марјановиќ забележа четири поени и пет скокови. Ибака со 13 и Ивица Зубац со 10 поени, беа најефикасни кај домаќините, што претставува уште еден индикатор за нивната игра.

Победата на Далас над Клиперс од 51 поен разлика значи дека тоа е најголемата разлика на полувреме во историјата, втора најголема победа во историјата на клубот од Тексас и најтешкиот пораз на Клиперси во историјата на нивната франшиза.

Тривијата поврзана со овој дуел гласи „дури и да не постигнеше Далас ниту еден поен во второто полувреме, немаше да го загуби мечот“.

 

 

 

Фото:

dallasnews.com