По саботниот протест на гтраѓаните на Кочани против загадувањето на градот, претпладнето во вонредна инспекција на компанијата Пејпер Мил е директорката на Државниот инспекторат за заштита на животната средина, Ана Петровска. „Пејпер Мил“ беше посочена од граѓаните на протестот, како извор на амбиенталното загадување.
Државниот инспекторат за животна средина потсетува дека првиот вонреден надзор над инсталацијата е на 04.11.2020 година, а направени се две мерења (на 13.11.2020 и 02.12.2020) и два пати е констатирано надминување на дозволените вредности.
-Промените во процесот и опремата што во меѓувреме ги правеше инвеститорот, не дадоа резултат. Предложена е казна од 20.000 евра, со Решение е наредено да се врши редовно мерење на емисиите, а Пејпер Мил се обврза да инвестира во вреќаст филтер поради повеќекратно намалување на емисиите. Наредното мерење на емисиите е на 30-ти декември. Доколку со ова мерење се докаже надминување на граничните вредности, ќе се нареди инсталацијата да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин. Во спротивно ќе се забрани работењето, се до обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува Кочани, соопшти Инспекторатот.
Граѓаните на Кочани бараат начин да се спречи загадувањето, а меѓу предложените акции е континуирани блокади пред компанијата, со цел да го спречат нејзиното работење. До Основното јавно обвинителство е испратена ургенција за работа на поднесениот предемт за оваа компанија, а граѓаните покренаа и други правни акции.