(Видео) Заев: Празнувај одговорно – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи – ММС
ММС

Објавено на: 12/27/20 10:56 AM

(Видео) Заев: Празнувај одговорно – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска преку видео обраќање испрати порака до граѓаните одговорно да ги прослават претстојните празници.

Заев апелира и да ги поддржиме сите што се на првата линија на борбата со коронавирусот, упатувајќи им посебна благодарност на лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците, припадниците на полицијата, на армијата, инспекциите и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба, притоа нарекувајќи ги херои.

– Годинава што изминува  ќе остане запамтена по здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, кај нас и во целиот свет. Беше и сѐ уште е многу тешко. Но, сите сме ангажирани – секој од нас е загрижен и придонесува со помош и поддршка бидејќи се работи за сопственото здравје, за здравјето на најблиските и за јавното здравје. Но во оваа борба, во првите редови сте ВИЕ, лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците. Сите ВИЕ, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот вирус – го штитите нашето здравје, а тоа значи дека сопственото го ризикувате, заради сите нас. На првата линија сте и вие, припадниците на полицијата, на армијата и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба, сите вие на првата борбена линија, сте нашите херои. Ви благодарам за сета пожртвуваност и храброст, вели Заев во обраќањето.

Ве повикувам, додава, огромната поддршка и почит кон лекарите, кон медицинските работници, кон полицијата и армијата, да ја изразиме со најодговорно однесување и со целосно почитување на мерките во периодот пред нас.

– Еве ги новогодишните и божиќните празници. Да си посакаме здравје, но пред сѐ да придонесеме со нашето однесување кон здравје. Ако имаме здравје, ќе можеме да работиме, да заработиме, да се дружиме, да живееме и да се сакаме во кругот на семејството и блиските. Затоа, празнувај одговорно – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи. Мораме така додека не се спроведе вакцинацијата. Апелирам уште еднаш, да се грижиме за сопственото здравје, за здравјето на блиските и за јавното здравје. Да ги почитуваме мерките – да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата, подвлекува премиерот и уште еднаш на кајот апелира да празнуваме одговорно.

 

МИА