Најстариот жив партизан и на 100 години им се поклонува на починатите соборци – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/18 7:35 AM

Најстариот жив партизан и на 100 години им се поклонува на починатите соборци

ММС, 17.07.2018

Трајан Јованов, најстариот жив партизан од Штип и еден од последните се’ уште живи борци од НОВ, по два месеца ќе влезе во 101. година од животот, релативно добро се носи со годините, присутен е на сите манифестации и чествувања поврзани со настани од НОВ и со неговите загинати соборци, а неговата животна приказна ни’ ја раскажа во саботата во својот дом во Штип

Пишува: Љупчо Шатевски

И на сто години Трајан Јованов, еден од последните се’ уште живи борци од Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија и најстариот жив штипски партизан, редовно се поклонува пред спомениците на своите загинати и починати соборци од војната. На 8 ноември, пак, Денот на ослободувањето на градот, секоја година е во групата што ги посетува спомен-плочите и бистите на штипските првоборци и народни херои, на командантот на македонската војска во НОВ, Михаило Апостолски, на Споменикот на револуцијата на Исарот, а оди дури и до селото Судик, каде што загинале 14 негови соборци во битка со фашистите два дена пред ослободувањето на Штип во 1944 година. Помладите секаде го дочекуваат со голема почит, го прашуваат за многу работи од минатото, а тој секогаш подготвено, како мала жива енцикопедија, одговара.

Во неделата на чествувањето за Вера Циривири-Трена, помладите донесоа столче за стогодишниот дедо Трајан

Во неделата, на денот на нејзиното загинување пред 74 години, Јованов беше присутен и пред спомен-обележјето на првоборецот Вера Циривири – Трена. Поради пеколното сонце и летните горештини, организаторите за стогодишниот дедо Трајан донесоа столче.

Наместо воена школа – столарски занает

– Иако релативно добро се носам со нив, годините си се години. Се намножија. За два месеца ќе влезам во 101. година од животот. Слухот ме служи добро. Очите по малку попуштаат. Досега редовно одев на сите свеченсти и комеморации поврзани со НОВ и со моите соборци. Често на 2 Август бев и во Крушево или во Пелинце. Сакав и сега на Илинден да одам во Пелинце, но изгледа ќе откажам. Далеку е, таму има и метеж во сообраќајот, па ми препорачуваат да не ризикувам на овие години на вакви летни горештини – вели Трајан Јованов.
Роден е кон крајот на Првата светска војна, на 5 октомври 1918 година во Штип. Својата долга  животна приказна ни’ ја раскажа во саботата во неговиот дом во кој живее со семејството на син му Гоце, кој се грижи за татка си. Трајан живее во призамјето на семејната куќа во Штип. Освен Гоце, има уште две ќерки како и многу внуци и правнуци.

Трајан Јованов во саботата во својот дом

– Потекнувам од сиромашно работничко семејство. Татко ми работеше како надничар, често одеше да чува и стока по селата, а и мајка ми беше работичка. По завршувањето на основното образование имав препорака како одличен ученик да одам во воена школа. Но, родителите на ме пуштија – им бев син-единец, а имав и две сестри. Ме дадоа да учам столарски занает, со кој и се занимавав до почетокот на Втората светска војна. Имав среќа да се запознаам со повеќемина напредни штипјани, кои зборуваа за македонско национално ослободување, за светската политика, за почетокот на Втората светска војна – се присетува дедо Трајан.

Бил пушкомитралезец, помошникот му загинал пред очи

Во отпорот се вклучува веднаш по фашистичката окупација од пролетта во 1941 година.
– Помагав со се’ што можев. Наоѓав куќи за состаноци, одржував врски, разнесував материјали. Во мојата куќа често престојуваа илегалци. Еднаш три недели тајно кај мене живееше Ванчо Китанов. Добро се знаев со Ванчо Прке, Славчо Стојменски, партискиот секретар Васил Златев-Шиљо ме испраќаше да носам материјали во Злетово, а Благој Мучето ми даваше материјали за Радовиш и за Струмица до каде често одев и пеш. По повикот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ за масовно пристапување во партизанските единици, во август 1944 година стапив во Четвртата македонска бригада, на Плачковица. Имаше многу нови борци, па за сите немаше доволно оружје, се’ до средината на септември, кога во беровско Митрашинци се формира 50. Дивизија. Тогаш имаше оружје и да избираш. Јас задолжив пушкомитралез. Имав двајца помошници, од кои едниот загина покрај мене во битка кај селото Балван – раскажува Јованов.
Со својата единица учествувал во ослободувањето на многу села и градови во источна Македонија. Продолжиле и кон Скопје, Матка и Тетово. По целосното ослободување на Македонија, тој бил вратен во Штип. Како поранешен столар, првата задача му била да формира столарска задруга. Потоа извршувал и повеќе други воени, партиски и стопански задачи. Бил и директор на трговско претпријатие, секретар на угостителската комора за источниот регион, секретар на Обласниот народноослободителен одбор. Се пензионирал пред 35 години, како службеник во СЗБНОВ и резервните старешини.
Се оженил кога имал 32 години. Неговата животна сопатничка, сопругата Дина, починала пред 15 години.
– Дина беше од Пробиштипско. По завршениот курс, таа дојде да работи како медицинска сестра во Штип. Се запознавме и стапивме во брак во 1950 година. Бев скромен човек. Освен неа не сум имал други девојки и врски. Никогаш не сум имал ни пасош. Ни југословенски ни македонски, па никогаш не сум одел ни во странство. Не ми е жал за тоа. Мене ми е доволна мојата Македонија. Мислам дека уште многу треба да учиме од порките и од Илинден и од НОВ и АСНОМ, и оти младите треба да бидат поединствени во битката за опстојување и за подобра идина на нашата замја – нагласува Јованов.

ДЕДО МУ ГО УБИЛЕ ТУРЦИ, ВУЈКО МУ ЗАГИНАЛ КАКО КОМИТА, ЧИЧКО МУ НА БЕЛАСИЦА ВО 1913…

Трајан Јованов истакнува дека неговото пошироко семејство е класичен пример низ што се’ поминале Македонија и македонскиот народ додека да дојдат до слобода.
– За петнаесетина години трагично загинале дури десетина члена на семејствата на моите татко и мајка, кои потекнуваат од плачковичките села Почивало и Кошево. Вујко ми загинал како комита во Злетовско. Дедо ми по татко го убиле и ограбиле Турци со парите што ги носел за купување куќа, дедо ми и баба ми по мајка биле убиени од качаци… Брат на мојот татко загинал на Беласица во 1913 година, во Втората балканска војна. Не научивме ни во каква и чија униформа загинал, ни каде му е и дали воопшто има гроб. Кратко време по неговата мобилизација, присилно го мобилизирале и татко ми. Во српската војска. Тогаш избегал во Бугарија. Но, како што велеше, отишол „од трн на глог“. По еден месец избегал и оттаму, па се вратил и долго се криел овде – раскажува Јованов.