Турција од 28 декември ќе бара сите странски патници што пристигнуваат во земјата со авион, и од 30 декември сите патници што пристигнуваат по воздушен, копнен и по морски пат, да приложат негативни ПЦР-тестови за вирусот не постари од 72 часа пред нивното заминување, соопшти турскиот министер за здравство, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Фахретин Коџа нагласи дека во спротивно на патниците нема да им биде дозволен влез во земјата.
Во соопштението Коџа истакна дека Турција го следи најновиот развој на ситуацијата со коронавирусот и според тоа ги презема неопходните мерки за одржување контрола врз епидемијата на Ковид-19 во земјата.
„На оние што нема да приложат негативен ПЦР-тест, нема да им биде дозволено да се качат во авион за Турција“, додаде тој.
Нагласи дека овие нови мерки за меѓународните пристигнувања во Турција се поради зголемувањето на бројот на случаи низ светот и забрзаното темпо на пандемијата.
„Тие што нема да го достават својот [негативен] тест на граничните премини при влегувањето во нашата земја, ќе бидат ставени во карантин на адресите каде што престојуваат. Оваа мерка ќе трае до 1 март 2021 година“, нагласи Коџа.
Претходно, националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ исто така објави дека ги обврзува сите меѓународни патници на нивните летови да приложат негативен ПЦР-тест за вирусот не постар од 72 часа пред качувањето во авион.
„На барање на нашето Министерство за здравство, од сите патници што доаѓаат од странство, почнувајќи од 28 декември, ќе биде побарано да приложат негативни ПЦР-тестови за вирусот од последните 72 часа пред нивното качување во авион, како дел од борбата на Турција против Ковид-19“, истакна извршниот директор на компанијата, Билал Екси, преку Твитер.
Турција во неделата привремено ги забрани летовите од Велика Британија, Данска, Холандија и Јужна Африка поради брзоширечката нова варијанта на коронавирусот.
Летовите меѓу Турција и Холандија продолжија во средата, додека забраната за останатите земји е сè уште на сила.
Во меѓувреме, „Туркиш ерлајнс“ вчера спроведе летови за враќање на патниците во Велика Британија.