Белорускиот фудбалски гигант Динамо Минск, попладнево објави дека нивниот поранешен фудбалер од врвот на нападот, Максим Цигалко, починал на 38-годишна возраст. Причините за смртта остануваат засега непознати.
За љубителите на фудбалот како такви, оваа вест освен што е трагична сама по себе, нема некое посебно значење. Ретко кој се сеќава и воопшто знае на некое голобрадо момче од Белорусија, кое требало да биде „следното големо нешто“ во европскиот фудбал.
Но љубителите на фудбалот и виртуелната компјутерска фудбалска симулација наречена „Championship Manager 2001“ („игрицата“ која ги постави темелите на денешната општопозната „Football Manager“), оваа вест не ги остави рамнодушни.
Многумина од конзумерите на оваа симулација не ни имаа претстава дали Максим Цигалко е постоечки лик. Многумина се прашуваа како изгледа, дали има бел тен на кожата или темен. Многумина се прашуваа дали е навистина толку добар.
Цигалко можеше да го купиш за помалку од еден милион фунти, класичен „bargain buy“ кој на твојата екипа обезбедуваше минимум 50 голови во една сезона. Да, 50 голови. Некои би рекле премногу дури и за компјутерска симулација.
Реалниот Максим Цигалко кариерата ја започнува во младинските категории на Динамо Минск. Дебитира за нив на 18 години, а од 2001 до 2004 година за дресот на Динамо во сениорска конкуренција постигнува 28 голови.
За жал, кариерата ја завршува прерано на 26 години поради тешки проблеми со повреди. Во 2003 година дебитира и за репрезентацијата на Белорусија забележувајќи два настапи.
Со завршувањето на кариерата (не дека претходно Цигалко живеел луксузно и уживал статус на ѕвезда како денешниве), започнуваат и вистинските животни проблеми на Белорусинот.
Антонио Путиљо во 2013 година, човекот задолжен за собирање статистички податоци за „Championship Manager“ за белоруските фудбалери, во интервју за грчка „Газета“ откри повеќе детали за животот на Цигалко.
-Бев тогаш многу млад. Верував дека фудбалот во Белорусија има иднина. Па така и немав некои ограничувања околу процентите кои ги ставав на играчите. Го сакав Цихалка (според Путиљо, вистинското презиме на Максим) многу. Беше брз, имаше чувство за погодок. Поседуваше карактеристики достојни за прераснување во голем играч, изјави Путиљо.
Сепак, тој не „зборувал напамет“. На 16-годишна возраст Цигалко за младинците на Динамо Минск постигнува 17 голови на 27 одиграни натпревари. Сето тоа претставувале повод за она што денешните млади жаргонски го нарекуваат „хајп“.
Иронијата се состои во тоа што…Цигалко воопшто немал идеја дека е толку популарен во глобални рамки.
-Никој ми немаше кажано за играта, бидејќи никој и не знаеше дека таа постои во земјата тогаш. Дознав за моите квалитети кога еден руски новинар ми соопшти и бев навистина шокиран. Ми кажа дека сум бил најпопуларниот играч. Не ми се веруваше. Се насмеав првично, но потоа ми текна дека на таа сметка би можел да заработам големи пари. Беше предоцна. Кога имав 23 години заработив сериозна повреда и затоа три години подоцна се пензионирав. Добив некои пари од фудбалот, но недоволно за живеачка. Потоа започнав да работам како градежен работник и да заработувам по пет долари на ден. Подоцна дури и по 20 дневно. Бев уморен од борбата. Мојот грб и нозете не можеа да го издржат притисокот и поради тоа се соочив со сериозни здравствени проблеми, пренесува „Sport bible“.
Неговото егзистенцијално прашање пред две години беше толку критично, што фудбалерот јавно излезе и побара помош. Фановите и љубителите на играта потпишуваа петиции и му испраќаа финансиска помош на Белорусинот.
Денес, илјадници фудбалски ентузијасти и тренери од фотелја, на различни начини се збогуваа со виртуелната легенда која ги победуваше и поминуваше сите препреки на „Championship Manager“, но не успеа и тоа не по негова вина, да го победи животот.
Фото:
sportbible.com