Судска медицина до Обвинителството го достави вештачењето за смртта на Никола Саздовски – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/18 2:39 PM

Судска медицина до Обвинителството го достави вештачењето за смртта на Никола Саздовски

Во Основното јавно обвинителство Скопје интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите во предметот поврзан со смртта на Никола Саздовски, кој почина по инцидент во скопската населба Автокоманда.

– По разгледување на вештачењето во контекст и на другите прибрани материјални и вербални докази, Јавното обвинителство веднаш ќе одлучи во поглед на правната квалификација и натамошниот тек на постапката – соопштија денеска од Обвинителството. По дадена наредба од ОЈО Скопје, денеска Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, до Обвинителството достави извршено вештачење за причинско-последичната врска на нанесените повреди со смртната последица кај сега починатиот.

Во соопштението е наведено дека оваа наредба од Обвинителството следеше откако претходно беше доставен обдукцискиот протокол, а беа обезбедени и други вербални и материјални докази. Пред надлежен јавен обвинител денеска беше испитан и законскиот застапник на починатото момче.

– ​Во доставеното вештачење детално од страна на вештите лица се дава приказ за состојбата на оштетениот по случувањето на кривично-правниот настан во моментот на неговата хоспитализација, во периодот на хоспитализацијата, па се до настанување на смртната последица. Вештачењето е доставено кај надлежниот јавен обвинител на натамошно проучување, велат од Обвинителството.