Во Основното јавно обвинителство Скопје интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите во предметот поврзан со смртта на Никола Саздовски, кој почина по инцидент во скопската населба Автокоманда.
– По разгледување на вештачењето во контекст и на другите прибрани материјални и вербални докази, Јавното обвинителство веднаш ќе одлучи во поглед на правната квалификација и натамошниот тек на постапката – соопштија денеска од Обвинителството. По дадена наредба од ОЈО Скопје, денеска Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, до Обвинителството достави извршено вештачење за причинско-последичната врска на нанесените повреди со смртната последица кај сега починатиот.
Во соопштението е наведено дека оваа наредба од Обвинителството следеше откако претходно беше доставен обдукцискиот протокол, а беа обезбедени и други вербални и материјални докази. Пред надлежен јавен обвинител денеска беше испитан и законскиот застапник на починатото момче.
– Во доставеното вештачење детално од страна на вештите лица се дава приказ за состојбата на оштетениот по случувањето на кривично-правниот настан во моментот на неговата хоспитализација, во периодот на хоспитализацијата, па се до настанување на смртната последица. Вештачењето е доставено кај надлежниот јавен обвинител на натамошно проучување, велат од Обвинителството.