Бројот на невработени во март-декември е зголемен и со оние лица кои се пријавуваат заради финансиската помош, вели Шахпаска – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/20 2:43 PM

Бројот на невработени во март-декември е зголемен и со оние лица кои се пријавуваат заради финансиската помош, вели Шахпаска

Според податоците на Агенцијата за вработување, од март до  декември односно во период на епидемијата,  бројот на невработени е зголемен за 0,3 проценти, но споредбата на ист период односно третиот квартал во оваа година во однос на 2019 година покажува дека невработеноста кај нас е намалена за 0,6 проценти, односно  16,5 наспроти 17,1 проценти.

Податоците кои покауваат зголемување на невработеноста се и од новите млади граѓани до 29 години кои првпат се пријавуваат во Агенцијата за вработување, рече министерката Јагода Шахпаска, како и од одреден број  граѓани кои во изминатиот период работеле по основ на авторски договори, работеле со договор на дело или биле отсутни од државата подолг период и не се пријавувале во Агенцијата за вработување, а сега се мотивирани заради четирите пакети економски мерки во кои се вклучени невработените и добиваа финансиска поддршка.

Министерката за труд и социјална политика  посочи дека преку Оперативниот план на програми и мерки и заедно со Агенцијата за вработување работат на побрзо враќање на пазарот на трудот на лицата кои останале без работа како последица на пандемијата со КОВИД -19.

-Дури и во услови на пандемија каква што е оваа со КОВИД -19, Оперативниот план на програми и мерки во одредени мерки има висок процент на реализација. Тука би сакала да ја истакнам мерката за субвенционирање на плати којашто е исполнета со 100 проценти, мерката за самовработување која  исто така има висока реализација блиску до 100 проценти, понатаму проектот Гаранција за млади преку кој 21 500 млади влегле во Агенцијата за вработување и од нив 6000 успеале да се вработат, рече Шахпаска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за 100 дена мандат.