В недела почнува испораката на кинеската вакцина против Ковид-19 за Турција – ММС
ММС

Објавено на: 12/25/20 1:10 PM

В недела почнува испораката на кинеската вакцина против Ковид-19 за Турција

Кинеските власти ја одобрија испораката на вакцините против Ковид-19 за Турција, што треба да бидат испратени в недела, соопшти турскиот министер за здравство, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Говорејќи по состанокот на турската Научна советодавна комисија за коронавирусот, Фахретин Коџа рече дека кинеската вакцина може да се пофали со ефикасност од 91,25 отсто.

„Со евалуациите на Научната комисија, сигурни сме во ефикасноста на вакцината која ќе ја користиме за турскиот народ во нашата земја.“

„Сега сме сигурни дека вакцината е ефикасна и безбедна за турскиот народ“, додаде тој.

„Во Турција, во првата фаза треба да се вакцинираат речиси 9 милиони луѓе, а вакцината против коронавирусот може да ја примат околу 1,5 милиони, па дури и 2 милиони луѓе дневно“, рече тој.

Турскиот министер исто така истакна дека почнувајќи од здравствените работници, вакцинирани ќе бидат луѓето во првите три приоритетни групи во јануари, февруари и март или најдоцна во април.

„Заедно со здравствените работници, јас ќе бидам меѓу првите што ќе ја примам вакцината“, додаде Коџа.

– Над 18.000 нови случаи на Ковид-19 –

Турција вчера пријави уште 18.102 новозаразени со коронавирусот и 254 нови смртни случаи, според податоците на Министерството за здравство.

Од новите случаи, 3.218 се симптоматски пациенти, а вкупниот број на заразени надмина 2,1 милион.

Регистрирани се 33.985 излекувани пациенти, со што таа бројка од почетокот на епидемијата во земјата достигна 1,93 милиони, додека бројот на починати се искачи на 19.115.

Направени се уште 195.675 тестирања за Ковид-19 низ целата земја, со што вкупниот број на реализирани тестирања е над 23,22 милиони.

Бројот на пациенти во критична состојба изнесува 4.805.

Пандемијата Ковид-19 од декември минатата година однесе над 1,73 милиони животи во 191 земја и региони.

Повеќе од 79,76 милиони случаи се пријавени низ светот досега, и повеќе од 44,5 милиони оздравени, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.

САД, Индија и Бразил и понатаму се најтешко погодените земји според бројот на случаи.

Додека се воведуваат нови ограничувања пред празниците, особено во Европа, земјите одобруваат и набавуваат вакцини со цел отворање на патот и надежта за крај на пандемијата.