Прашан од новинарите да ја коментира вчерашната одлука на Судскиот совет да ја разреши охридската судијка Весна Кичеец, министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека тоа е работа на Советот, но дека „штом се решиле на овој чекор сигурно имаат силни аргументи“.
-Ја поздравувам секоја одлука на Судскиот совет, која има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите и тоа е нивна одлука. Без да го коментирам случајот и заземам страна, доколку разрешената судија мисли дека и’ се прекршени правата неправедно разрешена има механизми како да се жали, а секако Судскиот совет и останатите инстанци ќе можат да го кажат своето мислење и мслам дека точно ќе треба да ја утврдат одговорноста, ако не ја веќе утврдиле, со оглед на одлуката за разрешување, кажа министерот за правда Маричиќ.
Судијката Кичеец најави жалба и одговорноста за одолговлекување на судскиот процес против српскиот државјанин Бојан Угреновиќ, кој на Нова Година до смрт го претепа охриѓанец Димитар Матилоски во центарот на Охрид, го префрли на битолска Апелација.
Одолговлекувањето на судењето предизвика Угреновиќ да биде пуштен од затвор, тој ја напушти Македонија и од тогаш е недостапен за македонските органи. Беше осуден на 16 години затвор. Апелацискиот суд ја преиначи одлуката на осум години затвор, по што Врховен повтoрно пресуди на 16 години.
Министерот Маричиќ кажа дека ќе бидат повикани на одговорност сите судии и обвинители поради субјективно застарување на случаите.
-Одговорот е на Судски совет, идејата е да се отстрани оваа појава одредени случаи да застаруваат поради непостапување на судии или обвинител. Дали ќе одговараат или ќе бидат разрешени, е работа на Судскиот советот, појасни Маричиќ.