И последните денови од оваа година страсните риболовци ги користат за богат улов од водите на Дојранско Езеро, а тоа секако им го овозможува и оваа блага и топла зима, која стартуваше со позитивни температури исто како и ланската.
По шеталиштето покрај Дојранското Езеро викендов се забележа намален број на посетители , но затоа двете најпознати локации за риболов – Калдрмата и Алекс бич, беа окупирани од долги колони паркирани возила и секако, вредни риболовци кои од рано изутрина си фатија позиција во езерските води.
Дека Дојран е привлечен и посетуван и во зимските месеци, токму поради благите зими ни потврди и дојранецот Бранко Попов, некогашен раководител на туристичкото биро во Дојран, кој истакнува дека ова место и тоа како има што да понуди во текот на целата година.
– Сакаме Дојран да има туристи и во зимскиот период, а тоа ни го овозможува спортскиот риболов. Луѓето кои доаѓаат од страна сакаат здрава храна, а ние се уште имаме чисти места. Тоа се нашите околни села – во Фурка се прави најдобрата ракија и мастика од најстарите лозови насади, во селото Ѓопчели се произведуваат најдоброто сирење и кашкавал, раноградинарски култури се произведуваат во село Николиќ, а во селото Црничани, пак, прават домашни сувомеснати – вели Попов.
Дојран и натаму останува интересен за посетителите, а тоа го потврди и неодамнешната успешна продажба на 14 градежни парцели наменети за викендици во месностите Калдрма и Карач.
Роза Шулева