Продолжуваат протестите во Ерменија, демонстрантите ја опколија зградата на Владата – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 6:55 PM

Продолжуваат протестите во Ерменија, демонстрантите ја опколија зградата на Владата

Во Ерменија продолжија протестите на кои демонстрантите бараат оставка на премиерот Никола Пашинијан, кој минатиот месец го потпиша Мировниот договор за Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (AA).

Голем број демонстранти протестираат на Плоштадот на Републиката во центарот на Ереван, каде што поставија шатори во кои ги минуваат ноќите.

Демонстрантите ја опколија зградата на ерменската Влада и се обидоа да го спречат одржувањето на нејзината седница, а полицијата презеде засилени безбедносни мерки и го овозможи одржувањето на седницата.

Повеќе демонстранти беа уапсени за напади врз службените возила со кои членовите на Владата доаѓаа на работа, а опозицискиот кандидат за нов премиер, Вазген Манукјан, рече дека Ерменија и понатаму води војна против Азербејџан, односно дека ја запрела само нејзината вооружена фаза.

„Премиерот Пашинијан ја уништи Ерменија. Тој е виновен и мора да биде во затвор“, рече Манукјан.

Протестите се поддржани од ерменската опозиција, а лидерот на опозициската Партија за национална безбедност, Гарник Исагулјан, е приведен поради заканите што му ги испрати на премиерот Пашинијан во видеопорака преку „Јутјуб“.

Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се проблематични уште од почетокот на 1990-те години кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум други соседни региони кои се суверен дел на територијата на Азербејџан.

Ерменските сили на 27 септември започнаа нови напади врз населените места и воените позиции во Азербејџан, а азербејџанската војска одговори со операција за ослободување на окупираните региони и успеа да им нанесе големи загуби на ерменските сили, ослободувајќи неколку градови и над 300 помали населени места.

Ерменија и Азербејџан на 10 ноември постигнаа договор за ставање крај на судирите во Нагорно Карабах. Договорот беше постигнат со посредство на Русија и предвидува повлекување на ерменските сили од Лачин, Калбаџар и Агдам. Руските и турските мировни сили ќе бидат вклучени во механизмот за мониторинг на почитувањето на примирјето.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во своето обраќање до нацијата рече дека договорот претставува победа на Азербејџан и пораз на Ерменија, чиј премиер Никола Пашинијан, пак, рече дека потпишувањето на тој договор била тешка одлука, но дека немало друг избор.

Во Азербејџан граѓаните излегоа на улиците и го славеа договорот, додека во Ерменија граѓаните излегоа на протест поради потпишаниот документ.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна за протестите во Ереван и можната промена на власта во Ерменија рече дека актуелната ситуација бара од Ерменија да се консолидира и да не тргне по патот на ескалација на кризата и распаѓање.

Путин исто така порача дека одбивањето на постигнатиот договор за Нагорно Карабах од евентуалните нови политички лидери на Ерменија ќе се покаже како самоубиствена одлука.