Глоби и казна протерување за пет албански државјани – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 3:50 PM

Глоби и казна протерување за пет албански државјани

Службеници од Полициската станица „Богородица” вчера ги привеле албанските државјани Т.Л. (46), Ч.Е. (33), П.Е. (36), Ш.Е. (33) и Б.А. (40), поради непочитување на член 9 став 1 од Закон за гранична контрола, односно за илегален премин на државната граница.

Од МВР денеска соопштија дека пријавените на 23.12.2020 во раните утрински часови, во близина на село Ума ја преминале државната граница од Грција во земјава надвор од граничен премин, а на место викано „Ѓубриште”, по претходен договор со лице од Гевгелија, пријавените Т.Л., Ч.Е. и П.Е. се качиле во патничко возило „Опел Вектра”, со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од К.Ф. од Гевгелија, кој за сума од по 100 евра требало да ги однесе до граничниот премин „Ќафасан”.

Но, при контрола од полициски службеници од Полициска станица „Богородица”, кај место викано „Фарма”, во близина на Гевгелија, истите биле затекнати во возилото. Пријавените Ш.Е. и Б.А., пак, се качиле во патничко возило „Ауди”, со бугарски национални ознаки, управувано од З.К. од Гевгелија, кој за сума од по 60 евра требало да ги превезе до Гевгелија.

Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, се наведува во соопштението, поднесе барање за поведување постапка против пријавените, а од судијата во Основен Суд во Гевгелија на пријавените им се изречени глоби и санкција „протерување на странец од територијата на РС Македонија”.