Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со агенцијата SWOT Research, специјализирана агенција за анализа на квалитетот на услугата, по 13-ти пат ги избраа најдобрите угостителски објекти во главниот град. Покрај примарните критериуми при изборот, оваа година како критериум беше вклучено и почитувањето на Ковид протоколите.
Поради пандемијата, годинава изостана традиционалното доделување на плакети, а раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Марко Тодоров, на претставниците на најдобрите угостителски објекти им ги додели плакетите на отворено пред седиштето на градската управа.
Во категоријата најдобри ресторани во Скопје, првите три места ги освоија „Стара Градска куќа”, „Антица” и „Амика”.
За најдобри три гостилници се прогласени „Дебар маало”, „Кај Јоле” и „Досие Скопје”. Првите три места меѓу кафулињата ги зазаедоа „Happy caffe”, „Добар”, и „Long play”, а во категоријата лаунџ и мезе барови наградени се „Рок кафана Рустикана”, „Горки” и „Soul kitchen bar”.
– Овој проект произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2020 година, а целта на истиот е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти на територијата на градот, истакнуваат од Град Скопје.
Оттаму забележуваат дека оваа година кај сите четири категории на угостителски објекти е забележан пад на вкупниот резултат во споредба со минатата 2019 година.
– Сепак, треба да се земе предвид дека беа мерени дополнителни стандарди и дека оваа година се работеше во вонредни услови на пандемија, велат градските власти.