Јапонија: „Јаху“ со помош на вештачка интелигенција ќе ги брише пораките на омраза – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 11:40 AM

Јапонија: „Јаху“ со помош на вештачка интелигенција ќе ги брише пораките на омраза

„Јаху“ (Yahoo) објави дека во рамки на борбата против кибернасилството и вознемирувањето, од своите интернет-страници во Јапонија ќе ги брише коментарите и пораките што содржат омраза и клевети со употреба на вештачка интелигенција, пренесува Анадолија (AA).

Како што наведува новинската агенција „Кјодо“, претставниците на компанијата „Јаху“ во Јапонија, одлучиле во рамките на борбата против кибервознемирувањето да ги прошират своите услуги за контролата на изразување преку интернет, по препорака на стручен тим.

Наскоро ќе биде објавена листа на зборови и термини што ќе бидат препознавани како малициозни, како и правилата и критериумите за бришење на тие зборови. Според таа листа, коментарите кои со помош на вештачката интелигенција ќе бидат регистрирани како штетни, автоматски ќе бидат отстранети.

За да се осигура слободата на изразување, „Јаху“ ќе прифати прашања и поплаки од корисниците чии коментари се отстранети, а редовно ќе објавува извештаи со детали за избришаните пораки, како и правила за нивно отстранување.

Претставниците на компанијата изјавија дека целта на овој проект е да се спречат и запрат штетните коментари и објави.

Како што пишува „Кјодо“, „Јаху“ ги донесе овие мерки откако во јавноста се појавија обвинувања дека кибернасилството и вознемирувањето довеле до смрт на 22-годишната професионална борачка и актерка Хана Кимура.

Според полициски извори, се верува дека околу 300-те пораки што ги добила од околу 200 профили, довеле до нејзината смрт.