Мас: Германија не се откажува од изнаоѓање решение за спорот меѓу Софија и Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 12/24/20 10:51 AM

Мас: Германија не се откажува од изнаоѓање решение за спорот меѓу Софија и Скопје

Германија ќе продолжи да се залага за изнаоѓање решение за бугарско-македонскиот спор и по завршувањето на германското претседателство со ЕУ на крајот на оваа година, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во интервју за „Дојче Веле”.

– Ние сме последните кои кочат кога станува збор за оваа тема. Во суштина, кога се работи за блокадата, станува збор за билатералните односи на Бугарија и Северна Македонија. Ние, како претседателство со Советот на ЕУ, вложивме многу напор во обидот да се дојде до решение. За жал, без успех, додава Мас.

Според него, земјите од Западен Балкан, аспиранти за членство во ЕУ, направија огромен напредок во последните години, а особено Северна Македонија.

– Луѓето таму својата иднина ја гледаат во ЕУ. Затоа мора да можат да се потпрат на нашите ветувања, во спротивно ќе го завртат грбот, нагласува Мас.

Шефот на германската дипломатија оценува дека европската перспективата е важен стимул за политички и за реформи во делот на правната држава, кои се во интерес и на ЕУ.

Во интервјуто, по повод завршувањето на германското претседателство со Унијата, Мас се осврнува и на пандемијата со Ковид-19, новиот Буџет на ЕУ и Фондот за помош, преговорите со Велика Британија по Брегзит, владеењето на правото во некои членки на блокот, тензиите меѓу Грција и Турција и односите со Кина.

MИА