Повод за оваа реакција на Институтот за социологија и Здружението на социолози на РМ, не е само предложениот нов „Концепт” во македонското образование, туку и реакција на слични активности и „реформи” што се одвиваат подолг период, а со кои директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа.
На својата 25 седница одржана на 16 декември 2020 година Институтот за социологија поднесе барање за увид во новиот образовен „Концепт” на Министерството за образование и наука во врска со спојување на група предмети (историја, географија, граѓанско образование и др.) во еден – општествени науки, со намера да организираме научна расправа за истиот. Ваквиот несериозен пристап кон една од најчувствителните институции во нашето општество – образованието, кое е темелник на иднината на Македонија, не е за изненадување. Всушност, се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно „реформирање” на нашето образование кое веќе повеќе заличува на „невладина организација” отколку на сериозна институција.
Еден од суштинските елементи на кој се темели новата концепција за основно образование, предложена од МОН, е пристапот на интегрирање на содржини од повеќе предмети во еден предмет. Меѓу другото, со новата концепција се предвидува содржините на предметите граѓанско образование, историја, социјална географија, историја на религиите и етика да се интегрираат во еден предмет именуван „општествени науки”. Еден од клучните аргументи на кој се повикуваат авторите на оваа концепција (во горе наведениот сегмент), се дизајнирањето и позитивните искуства на финскиот образовен систем. Навидум звучи убаво да се повикате на образовниот систем кој во моментов е најдобар во Европа по многу параметри. Меѓутоа, доколку не се земат предвид фактите на кој начин е имплементиран и во кој општествен контекст функционира овој образовен систем, тогаш се влегува во непромислена авантура која може да доведе до сериозни последици за учениците, наставниците и современото македонско општество во целост.
Сите членови на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, сметаат дека пред да се направи каква било реформа во кој било сегмент на македонскиот образовен систем, мора да се консултира науката со целиот нејзин капацитет. Во овој случај не е постапено така. Случајно или намерно, институциите задолжени за изработка на „Концептот” немале предвид дека образованието, во контекст на општествените
системи, е предмет на истражување на социологијата и на без малку сите социолошки дисциплини, а особено во рамките на социологија на образованието (во која, меѓу другото, фокусот на истражување е проучувањето на образовните системи во Европа и светот), како и во рамките на методиката на наставата по социологија, која ги проучува сознанијата и вештините за начинот на пренесување на темите од предметите социологија и граѓанско образование на учениците во основно и средно образование. Доколку биле земни предвид научните анализи од овие дисциплини во процесот на изработка на „Концепцијата” ќе било согледано дека еден од предусловите за да функционираат нивните модели за интегрирани курикулуми е спојувањето на основното и средното образование во едно училиште. Значи наместо два, во Финска функционира еден образовен систем. Ова го нема во „Концептот”, ниту пак од него може да се согледа некаква јасна идеја дали и на кој начин тоа ќе се направи во иднина. Во Финска исти наставници предаваат во основно-средношколското образование. Ова е исклучително битно за да се имплементира интердисциплинарниот и холистички пристап во наставата. Можеме да констатираме дека со децении сме далеку од реализирање на вакво решение, бидејќи нашиот високообразовен систем каде се подготвуваат идните наставници е поставен на дијаметрално различен принцип (ова не значи дека македонскиот образовн систем е погрешен).
Многу е важно да се истакне дека овој тип на образовен систем Финска го надградувала неколку децении. Уште во 1980 година за прв пат се појавува идејата за интегрирани предмети и воведување на холистички принцип во наставата. Но, не прават никакви радикални промени во образованието, туку во одредени училишта ги испитуваат резултатите од неколку интегрирани курикулуми. Со еден ваков лонгитудинален пристап, од една страна, чекаат оваа идеја да созрее, а од друга страна, многу сериозно ги следат резултатите од ваквите дидактичко-методички принципи. Последното државно јадро на наставната програма за основно-средно образование е донесено во 2014 година. Како за илустрација за нивниот сериозен и научен пристап, ова програма ја подготвуваат три години. Реформите со постепена имплементација ги завршуваат во 2020 година. Првите резултатите од реформите научно ќе ги валоризираат во 2021 година. Од ова се гледа дека подготовките и имплементација на последната образовна форма се одвиваат во период од 10 години. Во македонскиот случај подготовките и имплементација на образовните реформи во основното образование МОН заедно со своите партнери планира да ги спроведе за една до две години!!!
Задолжителни предмети во националното образовно јадро на Финска се: мајчин јазик и литература (фински или шведски); втор национален јазик (шведски или фински); странски јазик; екологија; здравствено образование; религија или етика; историја; општествени студии; математика; физика; хемија; биологија; географија; физичко образование; музика; визуелни уметности; занаети и домаќинство. Ова претставува само ориентациона структура на наставната програма. Врз нејзина основа секоја општина и училиште може да гради своја детализирана наставна програма која е различна од училиште до училиште (таа зависи исклучиво од интересите на учениците). Дури во оваа фаза се групираат содржините на одредени предмети за да се објаснат различни општествени и природни феномени (теми), кои ги иницираат учениците. Новата концепција на МОН иако е привидно слична, наполно и суштински се разликува од онаа во Финска!!! Во предложената „Концепција” на државно ниво се групираат содржините на точно определени предмети, во децидно фиксиран нов предмет. Со тоа директно се руши холистичкиот принцип, кој може единствено да се постигне доколку се почитуваат интересите на децата кои може да бидат многу различни од училиште до училиште.
Овој пристап преку интегрирани курикулуми е многу сложен и комплексен. Наставата на одредени теми или феномени ја изведуваат истовремено два до три наставници. Од таа причина наставниците во финскиот образовен систем мора да имаат завршено најмалку магистерски студии. Општествениот статус на овие наставници е прилично висок. Нивните месечни примања се еднакви на оние на лекарите и адвокатите. За разлика од Финска, МОН новата концепција треба да ја реализира со наставници со просечен успех на студирање помеѓу 6.00 и 7.00 (заради нискиот општествен статус на наставниците). Освен тоа на студиите по одделенска настава на Педагошкиот факултет во Скопје се запишуваат млади со просечен средношколски успех од 3.00 (тоа се деца со убедливо најлош просек на УКИМ). Во Финска обуката на наставниците трае со години (досега се обучени околу 70%). МОН тоа сака да го направи за една година!!!
Она што е многу битно е дека и покрај тоа што сите сериозни социолози на образование се воодушевуваат од образовниот систем во Финска, ниедна друга земја во Европа и светот не успеала во целост да го имплементира ваквиот модел на образование, од причина што тој е многу комплексен и бара многу време и ресурси. Исклучок е Шведска, која имплементирала само одредени делови од овој модел. Затоа и системот во Финска се нарекува „образовна утопија”. МОН се повикува и на образовните системи во Естонија и Словенија, но нив во оваа прилика нема да ги коментираме бидејќи немаат пристап на интегрирани курикулуми.
Согласно наведените факти и аргументи, членовите на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје се убедени дека новата концепција за основното образование е однапред осудена на пропаст и ќе биде уште една од низата неуспешни реформи во државата. Затоа апелираме реализацијата на оваа концепција да се запре, за да се избегнат катастрофалните последици од имплементација на истата.
Иницијалните идеи во новата концепција се добри, но за нивно имплементирање е потребно многу повеќе време, многу повеќе ресурси (човечки и општествен капитал). Она што е клучно при правењето вакви сериозни реформи е дека е неопходно да се консултира македонската научна елита.
Согласно, со новиот предложен „Концепт” за реформи во основното образование (што ќе повлече и „реформи” во средното и високото образование) не се постигнува холистички пристап кон наставните содржини во кои се неприродно споени теми од општествените науки (социологија или граѓанско образование), хуманистиката (историски науки) и природните науки (географија) без да се води сметка за спецификите на науките и за методологијата на нивното елаборирање во наставни содржини за деца од 7/8 до 14/15 години. За да се спроведе ваков вид на технологија и „идеологија” на образованието, неопходна е консултација со експерти од сите области на науката (академијата), широка јавна расправа за принципите и целите што треба да се постигнат со ваков вид на образование и, конечно, кога ќе се постигне согласност околу содржината на реформите и методологијата за нивната операционализација да се остави подготвителен период од најмалку пет до десет години. Во спротивно се остава впечаток дека „Концептот” не е во функција на реформа на македонското образование, туку станува средство за задоволување на разни политички и меркантилни интереси.
Раководител на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје
Проф. д-р Константин Миноски