Традиционален, брз колач кој може да го направиме со состојки кои ги имаме во вашата кујна! Токму ваков е рецептот за колачот „Брзи гонзалес“ кој има богат вкус исполнет со кокос. Обожаваме да ги преработуваме старите, македонски рецепти и како што често пати велиме, да им дадеме наш „печат“.
Така и овој пат, колачот го прилагодивме по наш вкус. Ја намаливме количината на шеќер и путер, а сепак добивме сочен и мек колач со убава арома на чоколадо и ванила.
Состојки:
- 3 јајца
- 10 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 100 мл масло
- 100 мл млеко
- 15 лажици брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 50 грама кокос .
За прелив:
- 15 лажици вода
- 5 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 3 лажици какао
- 25 грама путер или маргарин.
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со миксер за време од 5 минути, додека добиете густ крем и шеќерот се растопи.
- Брашното, прашокот за печиво и кокосот ставете ги во длабок сад и измешајте ги.
- Во садот со изматените јајца ставете ги млекото и маслото, и измешајте со лажица. Потоа додајте ја смесата со брашното и кокосот. Повторно измешајте со лажица.
- Тавата (бр. 28) обложете ја со хартија за печење или намрсете ја и набрашнете ја. Смесата за колачот ставете ја во тавата и израмнете ја со лажица.
- Колачот ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени за време од 10 до 15 минути, додека малку порумени. Повремено проверете со чепкалка дали колачот е испечен.
- Тавата со печениот колач извадете ја од рерната и оставете го колачот малку да се излади. Потоа, превртете го и отстранете ја хартија. Внимателно, ставете го колачот во тавата во која се печел и исечете го на коцки или парчиња по желба.
- Во помал сад на оган ставете ја водата, шеќерот, ванилиниот шеќер и какаото. Измешајте со лажица, а штом шеќерот се растопи додајте го путерот. Врелиот прелив тргнете го од огнот и оставете го кратко време да се излади.
- Со преливот потурете го колачот. Пред служење секое парче брзи гонзалес поросете го со кокос. На здравје!
Преземено од:sezahrana