Леброн го свитка зглобот при поразот на Лејкерси од Клиперси на отворањето, ќе биде подготвен за „божиќниот период“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 8:30 PM

Леброн го свитка зглобот при поразот на Лејкерси од Клиперси на отворањето, ќе биде подготвен за „божиќниот период“

Сезоната 2020/21 во НБА лигата синоќа и официјално стартуваше. Порано од вообичаено и во малку неконвенционални околности проследени со различни здравствени Ковид протоколи и без публика на трибините, најквалитетното клупско светско натпреварување се врати на ТВ екраните на задоволство на многубројните гледачи и пасионирани фанатици ширум светот.

Првиот меч на отворањето на сезоната се одигра во Бруклин помеѓу Нетси и Голден Стејт Вориорс. Кевин Дурант за првпат по повеќе од една година стапна на паркетот и делуваше како воопшто да не паузирал од играње кошарка. Дурант, особено во првиот дел, беше немилосрден кон својот поранешен тим со кого освои два шампионски прстени.

Со неговите 22 поени и 26-те на Кајри Ирвинг, Бруклин го порази ослабениот и подмладен состав на Стив Кер со 125:99 и им даде до знаење на конкурентите на Истокот дека оваа сезона франшизата предводена од Стив Неш е тука со цел да стигне до самиот финиш. Кај поразената страна, очекувано Стеф Кари го водеше шоуто, остварувајќи дабл-дабл учинок (20 поени и 10 асистенции).

Натпреварот на вечерта и воопшто на рундата, ланското прогнозирано финале на Западната конференција, финале кое поради Никола Јокиќ и Џамал Мареј не се оствари, се одигра помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Лос Анџелес Клиперс.

Клиперси освежени со Серж Ибака и Николас Батум, силно го започнаа двобојот и „избегаа“ дури 22 поени од ривалот во раната фаза. Сепак на крајот Клиперси успеаа да го поразат шампионот со 116:109. На дебито во новата средина, Ибака забележа на своето конто 15 поени и шест скокови, додека најдобриот поединец кај помалиот колектив во Лос Анџелес беше Пол Џорџ кој прокнижи 33 поени. Кавај Ленард со 26 и Ивица Зубац со 11, помогнаа во големата победа над тимот што застана во одбрана на титулата.

Но, поразот на Лејкерс во дербито не претставуваше грижа број еден во моментот, бидејќи она што им создаваше главоболки на Франк Вогел и стручниот штаб на „езерџиите“ се нарекуваше „зглобот“ на Леброн Џејмс. Последните осум минути од натпреварот Леброн ги „преседа на клупа“, а причина за тоа беше свиткувањето на зглобот од левата нога.

И покрај тоа, Леброн е оптимистичен дека ќе биде подготвен за божиќниот период и директен дуел против Лука Донќиќ и Далас Маверикс.

-Го свиткав поприлично добро, но не мислам дека тоа ќе ме сопре да играм во петок. Имам неколку денови, знаете како се однесувам јас во врска со повредите и ќе сторам сè да бидам добар дотогаш, изјави Џејмс за „ESPN“.

 

 

 

 

 

Фото:

cbssports.com

china.org

forbes.com