Невладината „КХАМ“ од Делчево ќе го зајакнува пристапот до правда за маргинализирани групи на заедници во Пијанечко-малешевскиот регион – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 7:19 PM

Невладината „КХАМ“ од Делчево ќе го зајакнува пристапот до правда за маргинализирани групи на заедници во Пијанечко-малешевскиот регион

Невладината организација „КХАМ“ од Делчево започна со имплементација на проектот „Пристап до правда за маргинализирани групи на заедници во општините Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица”. Главна цел на проектот како што информираше координаторот Бети Толевска е пристапот до правда и фер и судска заштита достапна за сите маргинализирани групи и заедници од четири општини, Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица преку промовирање на услуга за правно и психо-социјално поддршка.

-Во моментот НВО „КХАМ” работи на екипирање на човечките ресурси кои се потребни за исполнување на законски предвидените обврски и во очекување сме на решение по веќе поднесеното барање за регистрирање на проектот во секторот за Европски прашања и во Управата за јавни приходи. После тоа следува фаза во која НВО „КХАМ“ ќе се регистрира како здружение на граѓани овластено од министерството за правда за пружање на бесплатна правна, но и психосоцијална поддршка. Од претходното искуство со аплицирање за бесплатна правна помош, доаѓаме до заклучок дека граѓаните не знаат кога и како да го користат ова право, ниту пак знаат каде да се обратат. Со оглед на целната група, истите луѓе во повеќето случаи не се финансиски подготвени да ги поднесат трошоците за покренување постапка пред институциите и честопати се случува да се откажат од некои од нивните права. Затоа е потребно на тие граѓани да им се обезбеди бесплатна примарна правна помош и да го олеснат пристапот до секундарната помош кога ги исполнуваат условите за добивање на истата, рече Толевска.

 

Постојат 463 домаќинства од ранливи категории граѓани од четирите целни општини според државниот завод за статистика, како и приближно 150 лица со попреченост што според Толевска е главната причина зошто НВО „КХАМ” се одлучила да ја третира оваа проблематика.

-Бројот на лица со  попреченост е бројка која ја добивме од невладини организации од четирите општини кои работат со оваа група на луѓе. Во однос на жртвите на семејно насилство и родово засновано насилство, немаме податоци бидејќи насилството во многу случаи не е пријавено, така што надлежните институции не можат точно да утврдат број на случаи на ваков вид насилство, додаде Толевска.

Меѓу лицата кои имаат право на бесплатна правна помош од НВО „КХАМ” ги наведоа, лицата корисници на социјална помош, корисници на правото на инвалидски додаток, кои не остваруваат други приходи по основ на заработувачка или приходи од недвижности, корисници на најниска пензија кои живеат во семејна заедница со две или повеќе лица издржувани од него и семејства или самохран родител со едно или повеќе малолетни деца кои остваруваат право на детски додаток.

Проектот се спроведува како регрант од Коалиција Маргини и Фондација Квина тил Квина, и истиот е финансиски поддржан од Европската Унија.

 

 

Валери Спасевски