И официјално, по приемот на решението од Општинската општинска комисија (ОИК), Сашко Николов ја презеде функцијата градоначалник на Штип. На свеченоста, на која не приствуваше опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, Николов најави чесно, отворено, транспаретно работење, во интерес на сите граѓани.
-Град Штип продолжува да се развива и ќе добие еден нов карактер, карактер на чесни, одговорни и транспарентни институции, кои ќе дадат благодет за сите мои сограѓани, кажа Николов.
Веќе утре, на неговиот прв работен ден, е состанокот со директорите, раководителите и неговиот тим.
-На состанокот ќе ги претставам начелата по кои ќе работиме, моите очекувања, кои се надевам, ќе бидат прифатени, изјави Николов, кој засега не најавува смена на директорски или раководни позиции.
40-годишниот Сашко Николов, доктор по професија, на Предвремените локални избори за градоначалник беше избран пред десет дена. На градоначалниката функција ќе се задржи неполни десет месеци, до редовните избори во октомври 2021 година.
Само еден час порано, пред примопредавањето, Државната изборна комисија (ОИК) контатира завршување на пратеничкиот мандат на Николов во Собранието на РСМ со предлог на неегово место да се верификува мандатот на велешанецот Мухамед Кадриов од листата на колацијата „Можеме“.
Новиот градоначалник на Штип доаѓа во време кога веќе се финализира општинскиот Буџет за 2021 година, додека првото нешто што ќе го направи, како што кажа, е создавање на фонд за обезбедување на маски за секој граѓанин. Николов беше прашан да го коментира отсуството на опозицијата.
-Очекував дека ќе дојдат, иако политички се со различна идеологија, особено што меѓу нив има мои пријатели и сокласници, но тоа е нивно демократско право. Вратата на градоначалникот ќе биде отворена за сите, кажа Николов.
Сашко Николов е седмиот градоначалник, кој е на чело на Општината Штип и втор доктор специјалист во оваа улога. На прашањето што со неговата кариера како интервентен кардиолог, Николов најави дека во неговото слободно време, по саат или два дневно, ќе работи со пацинетите во штипската Клиничка болница.
На Предвремените локални избори за градоначалник на Штип, што се одржаа на 13 декември, Сашко Николов освои 11.477 граѓани , со што беше избран во првиот круг. Неговите четворица противкандидати заедно освоија нешто помалку од 20 отсто од гласовите. Ниту еден од нив не беше присутен на свеченоста.