Косово ги олесни мерките во земјата, а за влез во државата потребен негативен тест – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 12:24 PM

Косово ги олесни мерките во земјата, а за влез во државата потребен негативен тест

По намалувањето на бројот на заразени, Владата на Косово синоќа донесе нови мерки во борбата против пандемијата на Ковид-19, со коишто се продолжува работата на трговските и стопанските субјекти до 20 часот на целата територија на Косово, а во општините од црвената зона граѓаните ќе можат да се движат еден час подолго, од 5 до 20 часот, пренесува агенцијата Анадолија (AA).

Како што е соопштено од Владата, поделбата на општините по зони останува на сила, но временското ограничување е поместено за еден час, од 19 на 20 часот.

Жителите на општините од црвената, најризична зона, во која на неделно ниво има над 150 заразени лица на 100.000 жители, ќе имаат можност да се движат од 5 до 20 часот. Општините кои се во црвената зона ќе бидат во карантин во периодот од 20 до 5 часот наутро.

Угостителските објекти и другите трговски и деловни објекти во Косово ќе работат до 20 часот.

Во зелената зона спаѓаат општините со мал ризик за пренесување на инфекцијата, односно општините во кои се заразени до 75 лица на 100.000 жители, додека во жолтата зона се општините во кои неделниот број на заразени е помеѓу 76 и 150 на 100.000 жители. Во овие зони нема ограничувања за движењето на граѓаните.

Низ цело Косово превозниците можат да работат со капацитет од 50 отсто и со почитување на прирачникот за заштита од ширењето на коронавирусот. На таксистите им е дозволено да превезуваат само еден патник на задното седиште, а најмногу три, доколку се членови на исто семејство.

Театрите, библиотеките, галериите, кината, младинските центри, музеите, културните центри и слични установи исто така ќе можат да работат до 20 часот, но со 30 отсто од капацитетот. Дозволени се спортски активности во затворени простории и на отворено.

За време на тренинзите во затворени простории може да присуствуваат 20 лица, а за време на натпреварувањата 50. Дозволена е работата на спортските сали и базените за индивидуални рекреативни активности, но со 40 отсто од капацитетот.

Странските државјани, кои влегуваат во Косово, вклучително и тие со привремен или постојан престој во Косово, кои доаѓаат од земји со висок ризик според официјалната листа на ECDC, мораат да имаат негативен RT-PCR тест за Ковид-19 направен во последните 72 часа.

Сите граѓани на Косово (вклучително и оние кои живеат во друга земја), при влегувањето во Косово мора да поднесат потврда за негативен RT-PCR тест не постар од 72 часа, во спротивно мора да бидат во изолација 7 дена.