Македонско девојче во чиј глас се вљубиле Американците на прво слушање – Хелена Суша има богато музичко искуство – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/20 7:00 PM

Македонско девојче во чиј глас се вљубиле Американците на прво слушање – Хелена Суша има богато музичко искуство

Среќата вообичаено ги следи храбрите, а успехот велат ги следи упорните, но во случајот на Хелена Суша, големиот талент си ја завршил целата работа.

Македонката Хелена Суша деновиве ѝ е актуелна на македонската јавност откако беше прогласена за апсолутен победник во категоријата соло пеење на овогодинешниот интернационален музички натпревар Kings Peak организиран во Јута, САД, а кој годинава се одржа онлајн.

За тоа какво искуство бил натпреварот и која е поточно девојката со која се гордееме, дознавме директно од Хелена Суша која одвои дел од своето време за да на ММС го сподели своето искуство.  Поимот интернационален музички натпревар во САД делува многу сериозно и звучи како да бара многу сериозен ангажман, но за Хелена она што било доволно е нејзиниот непроценлив талент за пеење.

„За натпреварот дознав уште во август и долго време размислував дали воопшто да се пријавам, но на крај решив дека нема да учествувам. Подоцна во септември, дома седев со другарка која ми предложи на шега да испратам стара снимка, за која претпоставив дека нема ни да влезе во конкуренција зашто ја немав платено партиципацијата која е услов за учество“, вели Хелена.

Откако ја испратила снимката, Хелена вели комплетно заборавила дека воопшто се пријавила на натпреварот. Во меѓувреме, без да да биде свесна, комисијата ја одбрала Хелена за да влезе во потесниот круг за што  била известена по меил, кој таа никогаш не го отворила. Подоцна и бил испратен уште еден меил дека стигнала дури до финале, но Хелена не била свесна ниту за тој меил.  За среќа, увидувајќи го огромниот талент на Хелена, одговорните за натпреварот во САД решиле да вложат финален напор за да ја исконтактираат талентираната девојка која несвесно победува на интернационален музички натпревар.

„Ве замолуваме да го погледнете вашиот меил, упорно Ви пишуваме меилови на кои не одговарате, Ви даваме целосна стипендија, ништо да не плаќате, само учествувајте!“, ова е дел од последната порака со која организаторите очајно сакале да допрат до девојката во чиј глас се вљубиле од прво слушање.

Хелена не знаејќи што се случувало во меѓувреме била шокирана кога ја прочитала пораката, па вели:

„ Јас искрено бев изненадена и во шок, но секако прифатив да учествувам, а на крај ги објавија резултатите и ме известија дека сум победила“.

Хелена не случајно е девојка која постигнала ваков голем успех, нејзиното богато музички минато и нејзините досегашни настапи ја испратиле во многу земји од светот. Русија, Израел, Германија, Србија, Бугарија се само дел од земјите чија публика имала можност да ужива во вокалните изведби на нашето талентирано македонско девојче.

Музичките корени на Хелена се во нејзиното семејство, за нејзината мајка, која има музичка позадина, Хелена вели ѝ е омилен доживотен ментор со нејзините искрени конструктивни критики.

Главен приоритет на Хелена моментално ѝ е факултетот, студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде го пронашла својот идол во професорката Ана Дурловски.

Повеќе од сигурни сме дека Хелена ќе ги направи горди и својата мајка и омилената професорка, но со неа веќе се гордее и цела македонска нација, се гордееме на гласот кој ни извира од земјава, а веруваме дека допрва ќе ечи во цел свет.

Христина Спирова