Кавадаречки Фени излегува од стечај и ќе се реорганизира, швајцарски ГСОЛ е новиот сопственик – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/18 10:42 AM

Кавадаречки Фени излегува од стечај и ќе се реорганизира, швајцарски ГСОЛ е новиот сопственик

Кавадаречки Фени излегува од стечај и ќе се реорганизира, швајцарски ГСОЛ е новиот сопственик на комбинатот за никел. Судијката во случајот Фени, Валентина Ѓорѓиевска ја потврди одлуката на Собранието на доверители од 4 јули за прифаќање на планот за реорганизација на кавадаречкиот комбинат за никел , со што швајцарската компанија ГСОЛ преку своето претставништво Еуроникел и официјално станува новиот сопственик на фабриката.

Според компанијата тоа значи излегување на Фени од стечај, а нивниот план предвидува зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. Токму поради ова Еуроникел доби целосна поддршка од вработените, кои со протести пред судот во Велес јавно порачаа дека не се за ликвидација на фабриката и дека иднината ја гледаат во нејзина реорганизација.

Во Фени, ГСОЛ/Еуроникел досега инвестираше повеќе  од 80 милиони евра,произведени се над  3.500 тони никел,извозот продолжува, увезени се  над 300 000 тони руди за потребите на производствениот процес , а 200 локални компании се ангажирани за превоз од пристаништето во Солун и Албанија. Според експетите со ова ФЕНИ стана најдобар пример во земјава за затворање на стечајна постапка со позитивен исход.

Кавадаречки Фени замина во стечај по „испумпувањето“ на скоро 50 милиони евра од фабриката, од страна на претходното раководство на Кунико ресурсис (Cunico Resources), за што финансиската полиција води и истрага. Овде беа и Енекод кои до пред да им бидат исплатени  побарувањата, пројавуваа интерес да го превземат Фени. Уште пред да се објави стечајот, тие се „самопрогласија“ за сопственици, но кога од трите банки доверители им беше даден услов да се платат платите на вработените, тие рекоа дека не можат да го сторат тоа. Во игра беа и бугарски Минстрој холдинг кои бараа ликвидација на комбинатот, запирање на стечајот и впаричување на имотот на фабриката за што според експертите беше спротивно на законот. И покрај тоа, тие не се обидоа во изминатиот период да откупат ниту едно друго побарување на доверителите на кавадаречкиот комбинат.

Со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори со неплатени побарувања Фени замина во стечај. Швајцарски ГСОЛ ги откупи долговите на компанијата и со тоа стана најголем доверител, а по денешната одлука на стечајната судијка  стана сопственик на комбинатот за никел.

 

Билјана Тошевски