ВМРО-ДПМНЕ немаше учество во протестите „За заедничка Македонија”, сведочеше Коце Трајановски на денешното рочиште – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/20 11:52 AM

ВМРО-ДПМНЕ немаше учество во протестите „За заедничка Македонија”, сведочеше Коце Трајановски на денешното рочиште

ВМРО-ДПМНЕ немаше учество во протестите „За заедничка Македонија”, изјави Коце Трајановски, сослушан како сведок на одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Коце Трајановски, кој е сведок на одбраната на Спиро Ристовски, рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година и од 2016-2017 година бил член на Извршен комитет и партиски координатор на неколку општини.

– Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, колку што ми е познато, не беа членови на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Трајановски.

Прашан за протестите на „За заедничка Македонија” Трајановски рече дека со победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите и не формирањето мнозинство, според него се вознемирила политичката состојба и народот, кој, како што рече, почнал да излегува на улица.

– ВМРО-ДПМНЕ овие протести ги оцени како мирни и ненасилни. ВМРО-ДПМНЕ немаше учество на овие протести,  изјави Трајановски.

Како градоначалник на Град Скопје, рече Трајановски, никогаш за ништо не сум влијаел на градската администрација.

На прашање од Миле Јанакиески, дали за време на протестите на „За заедничка Македонија” тој со Спиро Ристовски го координирале градскиот комитет, сведокот Трајановски, рече – не.

Сведокот Владимир Неловски, вработен во АЕК, рече дека бил лидер на Унија на млади сили и член на Извршен комитет на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан дали Спиро Ристовски бил член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време, Неловски рече дека членовите на Извршниот комитет се јавно достапни и лесно проверливи и дека Спиро Ристовски не бил член.

Во однос на протестите „За заедничка Македонија” Неловски рече дека како УМС имале симпатизери кои присуствувале на протестите во тоа време, не само на тие протести, но не биле организирани од партијата.

– Како партија ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од протестите, но имаше нејзини симпатизери. Ние сме демократска земја, изјави Неловски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.

MIA