Антикорупциска ќе истражува дали Градот Скопје има склучено договор со Адвокатското друштво „Шилегов“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/20 11:37 AM

Антикорупциска ќе истражува дали Градот Скопје има склучено договор со Адвокатското друштво „Шилегов“

Предметот отворен од Државната комисија за спречување на корупција, по пријава дека градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов има склучено договор со неговото адвокатско друштво за консултатнски услуги, од Антикорупциска велат дека предметот е затворен.

Како што објасни на денешната прес конференција, претседателката Билјана Ивановска, Шилегов од неговата канцеларија, добивал приход по основ на консултантски услуги бидејќи согласно законот не може службено лице да остварува приход по основ на консултантски услуги. Тој бил повикан во Антикорупциска, каде добил објаснување, а потоа како што вели Ивановска увидел дека законот е таков, при што му е доставена одлуката  за судир на интереси  за да отстапи од таа состојба со тоа што Шилегов го раскинал договорот и нема повеќе консултантски услуги, вели Ивановска. Антикорупциска констатирала дека повеќе не постои состојба на судир на интереси и предметот е затворен.

Меѓутоа во медиумите се појави информација дека наводно Градот Скопје има склучено некаков договор со адвокатското друштво на актуелниот градоначалник Петре Шилегов и дека наводно од градот Скопје се одливаат средства во адвокатското друштво, за ова Антикорупциска велат дека јавноста дополнително ќе ја информираат.

„Бидејќи добивме известување по допрен глас од медиумите, дека Градот Скопје има склучено договор со адвокатското друштво, и дека од Градот Скопје се одлеваат средства во адвокатското друштво, во тој дел ние не сме работеле, тоа ќе го провериме и ќе ја известиме јавноста“, изјави Ивановска.

Инаку изминатиот викенд градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го демантираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски дека како градоначалник го плаќал сопственото адвокатско друштво за консултантски услуги и рече дека со лаги и манипулации опозициската партија ја покажува својата безидејност.

Шилегов на прес-конференција рече дека Град Скопје и тој како градоначалник немаат склучено никаков договор, ниту еден денар од градската каса, рече, не е влезен во неговото адвокатско друштво.

“Вистината кога е ДПМНЕ во прашање е секогаш на обратна страна. Јас земам сопствени пари од моето адвокатско друштво. Уште како пратеник во Собранието имам склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое ме плаќа мене. Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупцсика комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Ги повикувам, да се радуваат на развојот на нашиот град, на она што градот изминативе три години чекор по чекор го постигна”, изјави Шилегов и покажа документи за да ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ.

Г.Д