Стравот на пациентите од корнавирусот и рестриктивниот режим на работа ги стави на „респиртор“ стоматолошките ординации. Стоматолозите се жалат на исклучително лоша финансиска состојба, па тие наскоро би можеле да прогласат банкрот и да ги затворат своите ординации.
Земајќи го предвид фактот што во изминатиот период се случи покачување на приходите од страна на ФЗО на име „капитација“ за здравствените установи во мрежата од општа стоматологија, а притоа расходите четирикратно се зголемија, стоматолошките здравствени установи не можат да ги исполнат законските услови од четвртиот пакет мерки за помош на владата и да земат финансиска помош. За ова јавно се пожали Здружението на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина.
Револтот од ситуацијата во која се наоѓа нивната професионална фела ќе го изразат преку протест. В четврток со почеток во 13 часот преку онлајн платформата Зум ќе испорачаат низа барања, но и предлози до надлежните.
Дополнителен факт е што во општа стоматологија преку 800 тимови се со помалку од 1.500 капитирани пациенти кои и до сега не беа во можност да ги покријат основните трошоци за да би исплатиле минимални плати по тим – додаваат од Здружението.
Од таму соопштија дека од Владата ќе побараат исплата на финансиска помош се’ до завршување на кризата.
Стоматолозите ќе побараат и законски измени со кои во легислативата ќе се вметне Методологија за пресметка на минимални референтни цени на стматолошки услуги.
Преку протестот тие ќе побараат согласно примерот на јавното здравство, и во приватниот сектор да се дефинира минималната плата за стоматолог, но и за сестра.
Здружението исто така, сака самото да предложи методологија според која Фондот би ги пресметувал минималните референтни цени. Освен ова, стоматолозите сакаат да се напушти моделот на капитација и да се изгради нов модел на финансирање според завршена стоматолошка услуга со утврден минимален загарантиран праг на месечен износ по тим и анализа на реализираните услуги до и над договорениот фиксен дел.