Министерството за животна средина и просторно планирање и Сојузот на стопански комори денеска потпишаа Меморандум за соработка. Целта е изнаоѓање ефективни решенија за заеднички еколошки прашања кои ја поддржуваат потребата за одржлив развој.
Двете институции здружено ќе делуваат преку активности за соработка за спречување на загадувањето, еко едукација, креирање политики и заеднички напори за подигање на јавната свест за важноста на овие политики, за овозможување поквалитетен живот и здравје на граѓаните.
Според министерот за животна средина, Насер Нуредини, двете институции ќе промовираат воспоставување, проширување и зајакнување на заемно корисна соработка со цел заштита на животната средина.
-Соработката со стопанствениците ја сметаме за исклучително важна, земајќи ја предвид нивната улога во прилагодувањето кон и исполнувањето на целите за заштита на животната средина, одржлив развој, како и трансформацијата кон циркуларна економија. Подобрата информираност и поинтензивна вклученост на малите и средни претпријатија во примената на почисти технологии и развивањето на поеколошки практики, како и поголемата свесност на сите нас за сопствениот удел, носи поголема посветеност и придонес во заедничките напори за постигнување на стандардите за животна средина кон кои се стремиме, рече Нуредини.
Ќе се интензивира соработката за заштита на животната средина на национално ниво врз основа на потребата за унапредување на корпоративната одговорност и отчетност, како и натамошно унапредување на националната и меѓународна регулатива за претпријатијата.
Претседателот на ССК, Данела Арсовска истакна дека ќе се спроведе кампања со учество на малите и средни претпријатија за преземање мерливи и директни активности за справување со климатските промени, за заштита и унапредување на животната средина.
-Важно е да покренеме нови иницијативи насочени кон воспоставување рамка за соработка помеѓу приватниот сектор, јавниот сектор и граѓанското општество. Оваа соработка ќе овозможи подигање на колективната и индивидуалната свест за влијанието на загадувањето врз животната средина и работа кон развој на сериозен пристап за исполнување на обврските за заштита на животната средина. Најважно е што за прв пат иницијативата за намалување на загадувањето ќе ја насочиме кон иницирање саморегулација на претпријатијата со високо ниво на свесност, а не единствено со досегашниот пристап преку примена на репресивни мерки, изјави Арсовска.