Пендаровски: Ниту земја од поранешниот социјалистички блок, која стана членка на НАТО, не избегна осуда од Русија – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/20 4:22 PM

Пендаровски: Ниту земја од поранешниот социјалистички блок, која стана членка на НАТО, не избегна осуда од Русија

Бугарија го користи процесот на пристапување во ЕУ за да отвори некои прашања, што не би можела да го стори по зачленувањето во Унијата, а според некои бугарски политичари Софија требало да ја блокира Северна Македонија уште при влезот во НАТО во 2018 година, но тогаш тоа не било дозволено поради гео-стратешките интереси на западните сили.

Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во денеска објавеното интервјуто за рускиот весник „Комерсант”, кое го пренесува МИА, одговарајќи на прашањето зошто Бугарија решила токму сега да не блокира.

Претседателот потсетува дека С Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а поради спорот со Грција околу името беше оневозможено да започнеме преговори за членство.

– Спорот со Грција го решивме. Сега Бугарија размислува горе-долу вака: ако сега ги примиме во ЕУ, повеќе нема да има можност да се отворат спорните прашања. Некои бугарски политичари дури изјавуваат: требаше да се блокира членството на Македонија во НАТО уште во 2018 година. Претпоставувам дека тогаш не им беше дозволено да го направат тоа поради гео-стратешките интереси на западните сили, кои сакаа во целост да го формираат јужното крило на Алијансата. Во ЕУ приодот е поинаков, додава Пендаровски.

Стево Пендаровски, во своето прво интервју за руските медиуми, во врска со одложувањето на процесот на интеграција во ЕУ, појасни дека тоа се случило поради позицијата на Бугарија, која се однесува на идентитетот на Mакедонците и го оспорува македонскиот јазик (Софија не го признава постоењето на Македонците како нација пред 1944 година и го смета македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот – забелешка на весникот).

-Таа позиција не ја поддржува ниту една друга земја-членка на ЕУ, но во Европската Унија се применува правилото на консензус. Во првите неколку месеци од следната година ќе видиме дали нешто ќе се промени во приодот на Бугарија. Од наша страна можностите за маневaр се исцрпени, ние поднесовме голем број конструктивни предлози. За тоа дека ние сме Mакедонци кои говорат на македонски јазик, не може да се преговара, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека во однос на тоа дека Mакедонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет и својот јазик нема никакви разлики меѓу власта и опозицијата.

За тоа дали ваквиот потег на Софија е поврзан со претстојните избори во Бугарија напролет, шефот на државата напомена дека тој таа опција веќе ја споменал и дека на тоа реагирала Софија, дека никој таму не го користи спорот заради рејтинг.

-Деновиве ја следев динамиката на рејтинзите на водечките бугарски партии. Во последните два месеца тие двојно се зголемија. Можеби нешто друго влијаело на рејтинзите, но овој период партиите во Бугарија многу често говорат за македонското прашање, додаде претедателот Пендаровски во интервјуто за „Комерсант”.

За членството на Северна Македонија во НАТО, кое се официјализираше во март оваа година и за придобивките досега Пендаровски потенцира дека НАТО за нас е синоним за безбедност и гаранција на нашиот територијален интегритет.

-По распадот на Југославија, ние се соочивме со проблеми за безбедноста и територијалниот интегритет. НАТО за нас беше синоним, гарант и на едното и на другото. Претходно, меѓународните инвеститори не прашуваа: дали Македонија има иднина? Кој би вложувал во држава ако безбедноста е загрозена? Сега, кога станавме членка на оваа воено-политичка структура, нашиот имиџ е сосема поинаков, вели Пендаровски.

Додава дека со членството во НАТО започнавме активна размена на информации, кои се од заеднички интерес.

– Во последните пет-шест години околу 140 наши граѓани војувале во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток. Некои загинале или исчезнале, но многу се вратиле. Тоа се луѓе од војна, и потенцијално може да извршат терористички акти и кај нас, и во регионот. Ние сме мала земја, и многу е значајно да се добиваат потребните разузнавачки информации од Германија, Франција, од другите водечки земји. Пред неколку месеци, благодарение на добиена информација, ние уапсивме тројца такви луѓе кои подготвуваа терористички акт, посочи Пендаровски.

За промената на името на земјата, како предуслов за членството во НАТО и за тоа дали цената била превисока, Пендаровски вели дека промената на името има два аспекта.

-Првиот е емоционален, поврзан со привикнувањето на новото име. И мене тоа не ми беше лесно. Но има и стратешки аспект. Во Договорот со Грција има одредба според која ние сме Mакедонци и зборуваме на македонски јазик. Таа одредба е дел од нашата лична карта во ООН, и тоа е многу значајно за нас. Што се однесува до историјата и географијата, нашата земја зазема 36–37 отсто од географската Македонија. Географски, ние и сме Северна Македонија, појасни претседателот.

По членството во НАТО Пендаровски смета дека не дошло до влошување на односите со Русија, туку до намалување на динамиката на политичките контакти.

-Тоа треба да се корегира, вклучително и од наша страна. Минатата година, во рамките на Самитот во Париз, јас иницирав средба со шефот на руското МНР, Сергеј Лавров, која беше многу конструктивна. Минатата година, после петгодишен прекин, повторно почна со работа билатералната меѓувладина комисија за трговска и економска соработка. Ниту една земја од поранешниот социјалистички блок, која стана членка на НАТО, не избегна осуда од страна на Русија. Нашиот народ ги дефинираше своите стратешки цели. Русија сама ги дефинира своите цели. Тоа треба да се прифати како завршено и да се остави на страна, нагласи Пендаровски.

Додаде дека членството во НАТО не треба да биде пречка за соработка во трговијата, економијата, енергетиката и нагласи дека намерите на Северна Македонија се да се подобрат билатералните односи со Москва. Претседателот истакна дека меѓу земјите, кои пристапија кон НАТО, има и земји кои имаат одлични односи со Русија, како Словенија на пример.

За јакнење на односите, нагласува Пендаровски, потребна е волја од двете страни.

-Јас гарантирам дека од моја страна и од страна на Владата на Зоран Заев, таква политичка волја постои. Не се сомневам дека има и во Москва. Затоа гарантирам дека нема да постојат проблеми, без разлика на тоа што ние пристапивме кон НАТО сега, а некои земји пред 15-20 години, истакна Пендаровски.

Тој во интервјуто говори и за неговите планови да ја посети Москва за време на одбележувањето на 75-тата годишнина од победата над фашизмот, но планот не се остварил поради пандемијата на Ковид-19.

-Тоа ќе беше одличен повод за средба на сите претставници од земјите на тогашната антифашистичка коалиција и можност да се испрати јасна порака кон историскиот ревизионизам, кој за жал, добива на сила. Јас ќе отпатував во Москва, бидејќи антифашизмот е поставен во темелите на македонската држава. И да оддадам почит на милионите руски граѓани кои загинаа од злото на фашизмот, истакнува Пендаровски.

Претседателот се осврна и на изборите во САД и нагласи оти смета дека по изборот на Џо Бајден за претседател, американската администрација ќе го зголеми својот ангажман на Балканот, но напомена дека формалното лидерство тука е на ЕУ.

Вели, Балканот се уште се соочува со своите предизвици, а на прашањето дали она што пред пет години го кажа тогашниот државен секретар на САД, Џон Кери дека балканските земји се наоѓаат на огнената линија меѓу Русија и Западот важи и денес Пендаровски смета дека нештата ни тогаш, ни сега не се сосема такви, но додава дека сепак станува збор за конфронтација на големите сили.

-Кога големите се караат, малите најдобро е да се тргнат на страна. На крајот на краиштата, не е важно кој ќе ни помогне. Важно е да се реши проблемот. Ако имате идеја која вреди, предлагајте, јас немам ништо против. Дури и ако е тоа неформален предлог, додава Пендаровски.

Тој вели дека и во ЕУ има отпор кон  проширување со Западен Балкан, дека некои заговараат продлабочување на односите внатре во Унијата, па проширување, а некои се повикуваат на примерите на Романија и Бугарија кои влегоа, но се покажа дека не биле подготвени, па се плашат од слично сценарио, А за тоа дали Балканот ќе стане дел од ЕУ, Пендаровски вели дека ќе бидеме професионални оптимисити.

-Сметам дека Балканот ќе биде дел од ЕУ, но за тоа се потребни години. Би сакале тоа да се случи за четири-пет години. Но тоа не зависи само од нас, додава Пендаровски во интервјуто за „Комерсант”, кое го пренесува МИА.