(ФОТО) Аријан Адеми е фудбалер на годината во Хрватска – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/20 3:34 PM

(ФОТО) Аријан Адеми е фудбалер на годината во Хрватска

Македонскиот репрезентативец и долгогодишен капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми, прогласен е за најдобар фудбалер за изминатата година во Првата хрватска лига.

Во анкетата која „tportal“ веќе традиционално 18 години ја спроведува помеѓу капитените на клубовите во хрватското првенство, Адеми освојува 66 поени, односно 20 повеќе од второпласираниот фудбалер на Хајдук Сплит, Мијо Чакташ.

Секој капитен избирал по пет играчи за кои сметал дека во изминатата година највеќе се истакнале на теренот. На најдобриот му се доделувани по 10 поени, а на петтиот по два бода. Од можните 100 поени, македонскиот фудбалер кој во јуни ќе заигра на Европското првенство освоил 66.

Оваа награда во минатото ја имаат освојувано имиња како Нико Крањчар, Лука Модриќ, Едуардо да Силва, Марио Манџукиќ, Андреј Крамариќ, Дани Олмо. Адеми е еден од ретките „странци“ кои го освоиле овој индивидуален трофеј во исклучително силна конкуренција.

-Мислам дека нема поголема чест и задоволство кога луѓето кои го прават истото што и ти, ќе те изберат за најдобар. Затоа овој трофеј „Капитените избираат“ ќе заземе посебно место во мојата кариера. Им се заблагодарувам на сите кои учествуваа во овој избор и на моите соиграчи без кои ова немаше да биде возможно, изјави Адеми.

Минатата година оваа награда ја освои соиграчот на Адеми, напаѓачот на хрватската репрезентација, Бруно Петковиќ.

 

 

 

Фото:

tportal.hr