Ако ни е страв за иднината, барем да уживаме во минатото- „Фичо“ како дел од новогодишната приказна на битолската чаршија – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/20 12:51 PM

Ако ни е страв за иднината, барем да уживаме во минатото- „Фичо“ како дел од новогодишната приказна на битолската чаршија

За неколку дена завршува 2020 година, година која тектонски го помести животот на сите. Како едвај да се чека да се стави крајот и конечно да започне новата година за која постои толку многу надеж. Токму затоа, за да додадат малку боја во ова сивило, но и да ја заживеат чаршијата, „Багето-домашна храна“ во соработка со сестрите Анита и Андријана Јовчевски осмислија и направија необична новогодишна декорација, која на битолчани им овозможија да уживаат во една поинаква новогодишна приказна, сместен во срцето на Старата битолска чаршија. Она што најмногу привлекува е „фичото“ кое е дел од целата приказна, проследена со вештачки снег и амбиент кој потсетува на една вистинска зимска новогодишна идила.

„Во услови на  здравствено – економска криза кога сите се соочуваме со предизвик за опстанок и сите приоритети се во фокусот на полесно надминување на последиците, ние се одлучивме да направиме нешто со кое барем малку би додале боја на ова сивило. Жално е што битолската чаршија пополека умира и тоа беше уште една причина плус зошто се одлучивме да правиме вакви проекти. Насмевките на лицата, особено на оние најмалите кои застануваат да се сликаат се непроценливи. Мило ни е што барем во овај претпразничен период успеавме да придонесеме за добро расположение на нашите сограѓани. Ништо од ова не би било можно без креативните раце на Анита и Андријана, девојки на кои неизмерно им верувам и без кои ни една моја идеја не би се реализирала“, вели Марија Секуловска Митревска од „Багето-домашна храна“ чиј излог е претворен во оваа новогодишна приказна и која објасни зошто токму „фичото“ е дел од декорацијата.

„Сакавме да е нешто поразлично од стандардните новогодишни декорации, а „фичото“ е дефинитивно уникатен дел од нашата приказна“, вели Марија.

Анита, која со сестра и ја создале приказната вели дека уште од мали цртаат и секоај идеја ја ставаат на хартија.

„Со мојата сестра од многу мали цртаме и секоја наша идеја која ни се раѓа, ние веднаш ја ставаме на хартија, ја цртаме, а токму тој цртеж го претвораме во реализација. Кога Марија кажа дека сака нешто уникатно и весело за да ја заживееме нашата чаршија, ние веќе знаевме што и како ќе изгледа самото место. Бидејќи уживаме додека декорираме, секогаш излегува подобро од тоа што го замислуваме. Значи, идеите ги имаме веќе нацртано, така и оваа идеја ја нацртавме токму во возење и беше одлична прилика да се реализира. А „фичото“ го гледаме како еден симбол на едно убаво старо време вклопувајќи се во оваа убава новогодишна приказна. „Фичото“ беше малку тешко да се најде, но успеавме и сега ни е многу драго што кога ќе го видат, луѓето реагираат со огромна насмевка и веднаш сакаат да се фотографираат“, раскажува Анита.

 

Според она како реагираа битолчани, ова катче е навистина полн погодок. Сите доаѓаат и се сликаат, а се прават и фотосесии.

„Една ваква сцена може да биде само неисцрпна инспирација за нас фотографите кои раскажуваме уникатни приказни токму преку нашите фотографии. Оваа година беше навистина тешка, стресна и луѓето сакаат за празниците да се чувствуваат убаво, пријатно, празнично. Сакаат да имаат убав спомен од оваа година. Исполнува чувството кога ќе ја видиме огромната насмевка на оние кои ги фотографираме, навистина уживаме сите во моментот и барем за миг забораваме на секојдневието“, рече Александар Георгиев, фотограф од Битола.

Анита и Марија ги испратија и своите празнични пораки.

„2020 e дефинитивно година која ги промени нашите мислења што всушност е навистина важно. Да ги оставиме зад нас сите негативности и да сме благодарни за малите работи во животот.  Верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете во посакуваното“, порачува Марија.

„Нашата голема порака е да го заживееме нашиот град, нашата Битола, да ја направиме поубава, повесела, повеќе да се почитуваме, да шириме љубов, искреност и среќа. Само така заедно можеме да ја вратиме нашата конзулска Битола“, вели Анита.

И екипата на ММС беше сведок дека минувачите, дури и во вечерните часови кога стивнува џагорот во чаршијата, застануваат и ја користат приликата за да се фотографираат со новогодишното „фичо“.  Битолчани кои ги сретнавме тука, искоментираа дека се надеваат дека ова убаво катче ќе биде зачувано и нема да биде уништено од несовесни граѓани, иако за жал, имаше таков обид веднаш штом беше поставено.

Маја Богоевска

Фотографијата е објавена со дозвола на родителите