Одговарајќи на новинарско прашање за последните провокативни изјави на Красимир Каракачанов дека до 1944 година Македонците биле Бугари и дали Владата ќе реагира евентуално и со нота, премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече:
„Нивната реакција не е со нота или писмен докумет. Јавна е и ние јавно реагираме. Еве, ја користам приликата уште еднаш да реагирам. На 31 јануари 1943 година вечерта Македонците не легнале вечерта како Бугари, за на 1 јануари 1944 да се разбудат како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад. Се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци“, изјави Заев.
Заев беше прашан и за вчерашното реплицирање на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, како и тоа дали државата има „план Б“ за влез во ЕУ, како и за влез во Европската екномска зона.
„Ние дома продолжуваме по европскиот пат и нема да застанеме. Дел од овие наши активности се „Акција 21“, односно десетте приоритети кои не се поврзани со поглавјата и со кои можеме да почнеме од самиот почеток на годината. Разговорите со Бугарија продолжуваат до изнаоѓање решение и се надевам дека во првата половина на 2021 година ќе можеме да изнајдеме решение за да продолжиме во формалностите, првин одржување на првата меѓувладина конференција, а потоа и со она што претставува отвoрање и затворање на поглавјата“, рече Заев.