Нема да дозволиме внатрепартиската битка во ВМРО-ДПМНЕ да го блокира Собранието, ги повлекуваме измените во Законот за надворешни работи. За време на мандатот ВМРО-ДПМНЕ испраќале амбасадори кои имале двојни државјанства што е спротивно на закон. Го правеле тоа со безобзирно прекршување на Законот за надворешни работи. За тоа многу добро знае претседателот на собраниската комисија за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во денешното соопштение на СДСМ.
Социјалдемократите велат дека целта на нивните предложени измени во Законот за надворешни работи требаше да биде да се дозволи кандидатите за амбасадори да имаат двојно државјанство, но да не можат да бидат амбасадори во земјата каде имаат второ држвјанство.
„Овој ист закон, со ист текст беше во процедура и во минатиот пратенички состав и тогаш ВМРО-ДПМНЕ немаше никаква забелешка, ниту пак поднесен еден амандман. Тогаш беше истиот претседател на собраниската комисија. Сега, во контекст на другите политички случувања во неговата партија, само глумат наводен патриотизам. Очигледна е блокадата и деструкција на се што работи Собранието наместо јавно да ги искажат забелешките во конструктивен правец“, соопштија попладнево од СДСМ.
Со предложените измени во законот поднесени од пратеници на владејчката коалиција СДСМ, ДУИ и БЕСА, се предвидуваше амбасадор освен македонско, да може да поседува и државјанство од друга држава. Опозициските пратеници денеска најавија дека ќе го блокираат донесувањето на измените со поднесување повеќе од 300 амандмани.
„Заедно со колеги пратеници ќе го блокираме предлог Законот за надворешни работи, каде за амбасадор се дозволува да има и друго државјанство, освен македонско. Тоа е погрешно решение и ќе поднесеме 300 амандмани“, порача утрово пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.