Артета „виси на конец“, Арсенал повторно загуби – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/20 9:29 PM

Артета „виси на конец“, Арсенал повторно загуби

Мизеријата на Арсенал во Премиер Лигата сезонава продолжува, откако „топџиите“ запишаа уште еден пораз и се зацементираа на 15-тото место на табелата.

Oвојпат без својот најдобар играч Обамејанг, екипата на Артета истрча на „Гудисон Парк“ во надеж дека ќе ја прекине црната серија. Анчелоти и Евертон размислуваа поинаку и ја прокнижија третата победа во ред во период од седум дена. Челзи, Лестер и Арсенал се најдоа на метата на „карамелите“ кои со овие три бода го поминаа Тотенхем и ја зазедоа втората позиција.

Во 22-тата минута капитенот на овој дуел за Арсенал, Роб Холдиг, по притисок од Калверт-Луин ја затресе мрежата на Лено. Несмасниот фаул на Том Дејвис во 35 минута резултираше со удар од белата точка за Арсенал, мирно реализиран од Николас Пепе.

Сепак Евертон го однесе водството на полувреме и центаршутот по корнерот на Сигурдсон најдобро го искористи колумбискиот дефанзивец, Јери Мина. Голот на Мина беше воедно и последниот гол на двобојот.

На последните седум дуели во елитата, Арсенал има дури пет порази и два нерешени исходи. Трите постигнати голови, исто колку и црвени картони во овие натпревари, значително го отежнуваат животот на шпанскиот стратег кој најверојатно нема да ја дочека новата 2021 година на кормилото на тимот од северен Лондон.

 

 

 

Фото:

Тwitter / @Аrsenal