Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска се сретна со нерезидентниот амбасадор на Република Литванија за Република Северна Македонија со седиште во Загреб, Јурате Рагукјене, која врачи хуманитарна медицинска помош, донација на Владата на Република Литванија за справување со Ковид 19. Донацијата се состои од скафандери, маски и средства за хигиена.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Османи се заблагодарил за помошта од Литванија, која според него, е добредојдена во услови на пандемијата.
Тој се заблагодарил и за принципиелната и континуирана поддршка на Литванија за процесот на проширување на ЕУ и во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Османи нагласил дека и покрај актуелните пречки со кои се соочува, Северна Македонија е определена да истрае на својот пат кон целосна интеграција во Унијата.
На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката на билатерален план, особено преку размена на искуства во ЕУ преговарачкиот процес и заеднички твининг проекти, соработка со Литванскиот институт за јавна администрација, економската дипломатија, кризен менаџмент и друга експертска помош.
Амбасадорот Рагукјене изразила задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и ја подвлече заложбата за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Таа ја повторила поддршката на литванската Влада за продолжување на нашата реформска агенда и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.