Донација од еден милион денари за изградба станица за кислород во модуларната болница во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/20 2:04 PM

Донација од еден милион денари за изградба станица за кислород во модуларната болница во Кавадарци

Еден милион денари донираше фондацијата „Никола Јанчев“ од Кавадарци,  за изградба на централна станица за кислород,  во модуларната ковид болница која ќе се постави во кругот на кавадаречката болница.

Министерот за здравство Венко Филипче,  присуствуваше на денешната прес конференција на која се најави оваа донација и искажа голема благодарност до семејството Јанчеви за хуманиот чин.

„ Благодарение на тоа што ја препознаа важноста сега,  да се помогне таму каде е најпотребно,  а тоа е здравствениот систем. Со средства  од еден милион денари од фондацијата ќе се обезбеди централна станица за кислород,  во новата модуларна болница која што ќе биде инфективно  одделение,  за прв пат овде во болницата во Кавадарци. Болницата покрива една голема површина, над 100000 граѓани од регионот овде добиваат соодветна здравствена заштита“, рече Филипче.

Информираше дека за прв пат да се имплементира моделот за интегрирање на здравствените установи со цел да се  рационализира работата на здравствените установи, а на пациентите да им се олесни пристапот и да се искористи целокупниот кадар.

„Оваа болница е меѓу првите со проширена дејност и го вклучува работењето на здравствениот дом. Завршува постапката за набавка на компјутеризирана томографија и во почетокот на следната година ќе биде инсталиран апарат за томографија,  што сериозно ќе го олесни пристапот на сите граѓани кои гравитираат кон  оваа болница“ рече министерот.

Истакна дека прилично биле напреднати подготвителните работи околу изградбата на модуларната болница во Кавадарци.  Апелираше празникот Свети Никола да се прослави во домашна атмосфера без собири. Верува дека новите мерки ќе дадат уште повеќе резултати и посочи дека се намалуваат бројките на пациенти кои се примаат во болница.

„ Оваа година сооглед на пандемијата што ја имаме, да им олесниме во функционирање на здравствените работници и да им го олесниме лекувањето на пациентите одлучивме еден милион денари од фондацијата,  да ги донираме на болницата во Кавадарци  за централизирана кислородна станица во новата ковид болница што ќе се гради. Оваа наша донација, ќе биде од траен карактер не само додека трае пандемијата, туку  централната станица ќе функционира за потребите на болницата која е од регионален карактер“, рече градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и основач на фондацијата.

Директорката на фондацијата „Никола Јанчев“, Јанинка Чупаркоска истакна дека во ова време-невреме е потреба хуманост од сите.

„ Најважен е животот, животот за сите нас. Во време во кое човештвото е на прво место, да понудиме помош, да подадеме рака, да  поделиме насмевка, надеж, да веруваме во подобро утре, да се сакаме, да бидеме луѓе.  Со надеж дека короната за брзо време ќе биде заднас, а оваа наша акција ке остане да се памети за едно време дека човечкиот живот беше и е најважен ќе сведочи Св.Никола и 19 декември 2020 година“ рече Јанинка Чупаркоска, директорка на фондацијата „Никола Јанчев“.

Благодарност за донацијата упати и директорот на кавадаречката болница д-р Диме Коцев.

(А.Д.)